Навивачката група „Комити“ денеска со акции низ Скопје го најави големиот протест против актуелното раководство на ФК Вардар. Незадоволството е насочено кон извршниот директор Миленко Неделковски, од кого навивачите бараат да си замине од клубот.
Акцијата доаѓа пред вечерашниот натпревар меѓу Вардар и Арсими, кој од 19 часот ќе се игра на комплексот „Петар Милошевски“.
Според најавите, „Комити“ ќе бидат на трибините и ќе го бодрат тимот, но ова ќе биде нивно последно присуство пред стапувањето на целосниот бојкот.
Од навивачката група најавија собирање во Ново Лисиче во 18:15 часот, по што во 18:45 часот е предвиден марш кон стадионот. Пораката до управата е дека по вечерашниот меч следува целосно повлекување од трибините, сè додека не дојде до промена на раководството.
„За последен пат нека им зуи во ушите“, порачаа „Комити“, повикувајќи на масовно присуство на последниот натпревар пред бојкотот.
Навивачите претходно донесоа одлука за бојкот на сите натпревари на Вардар, со барање за оставка на управата предводена од Неделковски. Како причини ги наведуваат, меѓу другото, начинот на водење на клубот и односот кон навивачите.
„Комити“ бараат шут-карта од ФК Вардар за Миленко Неделковски
„Комити“ преку своето здружение воедно поседуваат 15 отсто од акциите на ФК Вардар, што дополнително го нагласува нивното инсистирање да имаат влијание врз иднината и управувањето со клубот.
Вардар и Арсими вечерва ќе го затворат шестото коло во Првата македонска фудбалска лига.










