Вишиот суд во Белград им одреди притвор до 30 дена на началникот на Управата за криминалистичка полиција, Марко Кричак, и началникот на Службата за сузбивање на криминалот, Бошко Секуловиќ, кои беа уапсени во неделата по пријава од адвокатите на одбраната на поранешниот началник на белградската полиција, Веселин Милиќ.
Одлуката за притвор е донесена поради опасност од влијание врз сведоци и попречување на постапката доколку осомничените се бранат од слобода.
„Притворот е одреден поради постоење посебни околности кои укажуваат дека обвинетите, доколку се на слобода, би можеле да влијаат врз сведоците и на тој начин да ја попречат постапката“, соопштија од Вишиот суд во Белград.
На двајцата функционери им се става на товар кривично дело злоупотреба на службената положба, додека Кричак дополнително се сомничи и за злоставување и малтретирање. Против решението за притвор е дозволена жалба во рок од три дена од неговиот прием.
Според наводите на Вишото јавно обвинителство, Кричак и Секуловиќ се осомничени дека во периодот од 12 мај до 3 јуни годинава, како службени лица во српското Министерство за внатрешни работи, ја злоупотребиле својата позиција и не ги извршувале службените должности, со што предизвикале штета и сериозно ги повредиле правата на Веселин Милиќ.
Случајот е поврзан со истрагата за убиството на Александар Нешовиќ, кој беше убиен на 12 мај во белградскиот ресторан „27“, во населбата Сењак.
Обвинителството се сомнева дека во текот на постапувањето по овој случај биле преземени незаконски дејствија на штета на поранешниот началник на белградската полиција.
Дополнително, Кричак се сомничи дека на 16 мај, заедно со други полициски службеници, во просториите на Управата за криминалистичка полиција го злоставувал и малтретирал сопственикот на ресторанот „27“, идентификуван со иницијалите Н.Л.
Истрагата за случајот отвори сериозни прашања за постапувањето на полициските структури во врска со убиството, а приведувањето на двајцата високи функционери претставува нов развој на настаните во аферата што ја потресе српската полиција.








