Студенти и опозициски политичари во Србија мета на шпионски софтвер
Најмалку 14 лица во Србија биле цел на напреден шпионски софтвер во првите месеци од 2026 година, објави SHARE фондацијата.
Според организацијата, станува збор за најмасовниот досега документиран бран вакви напади во земјата.
Меѓу таргетираните се членови на студентското движење, активисти, но и пратеник и локален советник од опозицијата. Периодот на нападите се совпаѓа со предизборниот период и локалните избори во Србија на 29 март.
Дванаесет лица во август добиле предупредувања од Apple дека нивните телефони можеби биле цел на шпионски напади. Дополнителната форензичка анализа на „SHARE“ покажала дека уште два уреди биле заразени со шпионскиот софтвер „NoviSpy“.
Наодите на фондацијата ги потврдиле и истражувачите од Citizen Lab при Универзитетот во Торонто и Security Lab на Amnesty International.
Особено внимание привлекол случајот со студентски активист чиј iPhone бил компромитиран со Pegasus – шпионски софтвер на израелската компанија NSO Group. Нападот бил изведен преку таканаречен „zero-click“ метод, што значи дека корисникот не морал да отвори порака или да направи каква било интеракција за телефонот да биде заразен.
Amnesty International, пак, потврдил инфекција со нова верзија на „NoviSpy“ кај студентски активист чиј телефон претходно бил одземен за време на полициско приведување.
Шпионскиот софтвер може да овозможи пристап до комуникациите, контактите, фотографиите и датотеките на уредот, како и тајно активирање на камерата и микрофонот.
Од „SHARE“ предупредуваат дека ваквите случаи претставуваат сериозно нарушување на приватноста и можат да имаат директно влијание врз слободата на изразување и политичкото дејствување. Организацијата особено го оценува како загрижувачко таргетирањето на студенти и опозициски политичари.
Фондацијата ги советува лицата кои се изложени на поголем ризик редовно да ги ажурираат телефоните и апликациите и да активираат дополнителни безбедносни функции на уредите.
„SHARE“ пишува и дека употребата на шпионски софтвер во Србија претставува и кривично дело доколку се врши неовластен пристап до податоците на граѓаните.







