Граѓаните наскоро ќе можат личната карта и возачката дозвола да ги имаат директно на својот мобилен телефон, преку новата национална апликација „m.Uslugi“.
Тест-верзијата на апликацијата се очекува да биде претставена во октомври, како дел од процесот на дигитализација на личните документи и услугите што државата им ги нуди на граѓаните.
Идејата е мобилниот телефон постепено да стане своевиден дигитален паричник за лични документи, со што граѓаните нема да мора секогаш со себе да носат физичка лична карта или возачка дозвола.
Апликацијата ќе овозможува документите да бидат достапни на едно место, со дигитална идентификација и заштита на личните податоци.
Според Министерството за дигитална трансформација, „m.Uslugi“ е дел од пошироката стратегија за дигитализирање на услугите и нивно олеснување за граѓаните.
Во тест-фазата ќе бидат достапни дел од функционалностите, а апликацијата потоа треба постепено да се проширува со нови услуги и документи. Министерството најавува дека граѓаните ќе можат да ја тестираат и да доставуваат забелешки пред финалното пуштање.
Националната супер апликација веќе е достапна во тест-фаза за Android и iOS, а корисниците можат да се регистрираат и да пристапат до одредени дигитални документи. Од Министерството посочуваат дека апликацијата користи безбедна најава преку eID и има механизми за заштита на личните податоци.
Целта е „m.Uslugi“ со текот на времето да прерасне во централна дигитална платформа преку која граѓаните ќе можат на едно место да ги користат најважните државни услуги, без потреба од одење на шалтери и носење поголем број документи.
Со проектот, властите најавуваат чекор кон целосна дигитализација на јавните услуги, при што мобилниот телефон би станал главната алатка за идентификација и пристап до услугите на државата.









