AI News
  • Актуелно
  • Анализа
  • Истрага
  • Приказна
  • Свет
  • Хроника
No Result
View All Result
AI News
  • Актуелно
  • Анализа
  • Истрага
  • Приказна
  • Свет
  • Хроника
No Result
View All Result
AI News
No Result
View All Result
Државата во облак, јавноста во магла: што ни покажа Пехчево за дата-центрите

мр. Лилјана Пецова - Илиевска

Државата во облак, јавноста во магла: што ни покажа Пехчево за дата-центрите

ДЕСК коректив.мк by ДЕСК коректив.мк
September 8, 2026
in Став
Summarize with ChatGPTShare to Facebook

Во дигиталната држава, дата-центарот е она што во класичната држава биле во најмала рака архив, трезор и административната зграда – само што сега сите три функции се сместени во системи од кои зависат личните документи, даноците, здравствените податоци, социјалните права и работата на институциите.

Затоа најавата за изградба на Национален дата-центар во Македонија звучи логично, па дури и задоцнето. Министерството за дигитална трансформација најави обединување на државната ИТ-инфраструктура, која сега е распоредена на околу дваесет одделни локации. Првата фаза е проценета на околу 20 милиони евра, од кои околу 30 проценти би биле грант-средства, а центарот треба да биде основа за државен облак, нови електронски услуги и примена на вештачка интелигенција.

На хартија, аргументите „за“ се силни. Но дата-центарот не е само зграда со сервери. Тој е систем на управување, безбедност, енергија, кадар и одговорност. Ако овиe елементи недостигаат, најсовремениот објект може да стане само најскапата серверска просторија во државата.

Зошто – да?

Расцепканата инфраструктура обично значи различни стандарди, различно ниво на заштита и многу посебни договори за опрема, лиценци и одржување. Во една институција може да има современи резервни копии, во друга застарени сервери, а во трета систем чие функционирање зависи од еден администратор или од надворешна компанија.

Централизацијата може да овозможи заеднички безбедносен надзор, редовно ажурирање на системите, унифицирана контрола на пристапот, подобри резервни копии и побрзо откривање напади. Наместо секое министерство да купува сопствена опрема, државата би користела заедничка инфраструктура и би ги намалила дуплираните трошоци. Што и не е така лошо од домаќински аспект.

Уште поважно, за современи електронски услуги не е доволно институциите да имаат компјутери. Нивните системи мора безбедно да разменуваат податоци. Граѓанинот не треба петпати да доставува документ што државата веќе го поседува. За таква интероперабилност е потребна стабилна инфраструктура, јасни регистри и прецизно определени правила кој, кога и зошто може да пристапи до податоците.

Националниот дата-центар може да биде и инструмент на дигитален суверенитет. Но суверенитет не значи само серверите физички да се наоѓаат во Македонија. Тој значи државата да ги контролира податоците, енкрипциските клучеви, пристапот, софтверските конфигурации и можноста системите да се префрлат кај друг снабдувач без да престанат да работат.

Зошто – не, барем не без одговори?

Главната опасност е очигледна: ако сите критични системи се соберат на едно место, тоа место станува исклучително вредна цел. Централизацијата може да ја олесни заштитата, но може и да го зголеми ефектот од успешен напад, пожар, прекин на електричната енергија, човечка грешка или дефект.

На државата, всушност, не ѝ треба „едно место за сите податоци“. Ѝ треба распределена и отпорна инфраструктура, со најмалку две географски одвоени локации, независно напојување и редовно тестирано опоравување. Резервна копија што никогаш не била успешно вратена не е план за опоравување, туку претпоставка. Тука се отвора и прашањето за веќе постојниот Центар за опоравување од катастрофи
во Прилеп. Министерството за внатрешни работи го наведува како дел од својата инфраструктура (МВР – Информатика и телекомуникации), а Европската комисија уште во 2022 година констатирала дека податоците на Државниот завод за статистика секојдневно се архивирале во националниот резервен центар во Прилеп ( Извештај на Европската комисија за 2022 година ).

Оттука, пред да се инвестираат нови милиони, јавноста треба да знае: каква ќе биде улогата на Прилеп? Дали ќе биде резервна back up локација на новиот центар, дел од ист систем или посебна инфраструктура? Дали новиот проект пополнува реален недостиг или делумно дуплира нешто што веќе постои? Нејаснотија постои дури и околу планираниот капацитет. Во поновите информации се зборува за центар со моќност под 1 MW, додека во претходни медиумски извештаи се споменуваа околу 5 MW ( Сител, 17 јули 2026 ). Можно е проектот да бил ревидиран, но токму затоа физибилити-студијата, финансискиот модел и основните параметри треба да бидат јавно објаснети.

Зградата е почеток, не решение

Дваесет милиони евра се почетна инвестиција, а не конечна цена. Потоа следуваат електрична енергија, ладење, телекомуникациски врски, лиценци, замена на опремата, физичко обезбедување, осигурување и плати за специјализиран кадар. Енергетската дилема станува уште поважна ако Македонија, покрај државниот центар, сака да привлекува комерцијални и центри за вештачка интелигенција. Меѓународната
агенција за енергија проценува дека глобалната потрошувачка на дата-центрите ќе се зголеми од околу 485 TWh во 2025 на околу 950 TWh во 2030 година (IEA, „Key Questions on Energy and AI“, 2026). Тоа не значи дека еден мал национален центар ќе ја загрози македонската мрежа, но значи дека моќноста, енергетската ефикасност, резервното напојување и изворот на електрична енергија не смеат да останат фуснота во проектот.

Најтешкото прашање, сепак, не е техничко туку кадровско. Европската комисија оценува дека државните институции мора да ја зајакнат инфраструктурата и експертизата за сајбер-безбедност, како и капацитетите на националниот центар за одговор на компјутерски инциденти. Во истиот извештај се посочува и потребата администрацијата да привлекува и задржува повеќе ИТ-кадар ( Извештај на Европската
комисија за Македонија, 2025).

Ако државата изгради објект, а нема инженери што можат самостојно да го управуваат, таа нема да добие дигитален суверенитет. Ќе добие зависност од добавувачот што ја поставил опремата.

Прашањата што мора да добијат одговор

Пред почетокот на изградбата треба да бидат објавени барем следните информации: кои системи ќе се преселат, колкав е вкупниот трошок за најмалку десет години и кој ќе управува со центарот, кои се под-снабдувачите и трети оператори, ако ги има. Потребни се и јасни правила против зависност од еден производител: отворени стандарди, преносливост на податоците, сопственост на конфигурациите и
задолжителен план за излез од договорот. Независните безбедносни проверки и тестовите за опоравување треба да бидат редовни, а нивните општи резултати јавно достапни, без објавување детали што би ја загрозиле безбедноста. Затоа одговорот на дилемата „дали на Македонија ѝ треба национален дата-центар“ е – да. Но не како изолиран градежен проект и не како единствено место во кое ќе се
смести целата дигитална држава.

Национален или приватен проект? Кој ќе ја фрла првата лопата при отворање?

Успехот нема да се мери со свеченото отворање, бројот на сервери или големината на инвестицијата. Ќе се мери во денот кога ќе се случи сериозен инцидент, а услугите ќе продолжат да работат, податоците ќе останат заштитени и системите ќе можат брзо да се обноват. Но, пред да прашаме како центарот ќе реагира при сериозен инцидент, мора да знаеме кој навистина стои зад него. Кој е инвеститорот, а кој крајниот вистински сопственик? Како е распределен сопственичкиот удел, кој има мнозински и контролни
права и дали зад домашното правно лице стои странски капитал, фонд или друга компанија? Кој ќе управува со дата-центарот, кој ќе има физички и административен пристап до системите и кој ќе одговара ако податоците бидат компромитирани, услугите прекинати или пристапот оневозможен? Ако има барање за откуп при сабер напад, кој ќе преговара за нашите податоци и кој ќе ја плаќа сметката? И, можеби
најважно, дали сопственичката структура подоцна ќе може да се промени без нова безбедносна проверка?

Кај критична дигитална инфраструктура не е доволно да знаеме каде се серверите – мора да знаеме и чија рака е на прекинувачот и кој ќе одговара кога светлото ќе се изгасне. Дигиталниот суверенитет не е да знаеме во која зграда се наоѓа серверот. Тој е способноста на државата да знае каде се нејзините податоци, кој им пристапува, како се заштитени и како ќе бидат вратени кога нешто ќе тргне наопаку.

Но зошто токму Пехчево?

Кај проект чија основна дејност е чување и обработка на податоци, најголемиот парадокс е што јавноста доби толку малку податоци за самиот проект. Зошто токму Пехчево? Дали поради климата, достапноста на земјиштето, близината до енергетската мрежа или можноста за поврзување со оптичка инфраструктура? Дали била направена споредба со други локации? Колку би чинело инфраструктурното приспособување и што конкретно би добила локалната заедница? На овие прашања не беше понуден јавно достапен одговор.

Она што е познато е дека иницијативата не дошла како дел од државниот проект за Национален дата-центар. Таа била поднесена од приватни физички лица, односно од сопственици на земјиште ( Телма, 25 август 2026 ). Од Советот на Општина Пехчево било побарано да дозволи почеток на постапка за изработка на урбанистичко-планска документација за пет конкретни катастарски парцели ( Општина Пехчево – дневен ред на 11. седница ).

Но, податокот за петте парцели ни кажува каде некој сакал да гради. Не ни кажува зошто Пехчево било соодветно место за таква инвестиција.

Центар за податоци – ама без податоци за Центарот

Во јавноста не беа презентирани капацитетот на центарот, потребната електрична моќност, начинот на ладење, потрошувачката на вода, можностите на локалната инфраструктура, бројот и видот на работните места, ниту очекуваните приходи за општината. Не беше јасно ниту дали станува збор за обичен центар за складирање податоци, комерцијална инфраструктура во облак или енергетски многу позахтевен центар за вештачка интелигенција. А тоа не се исти инвестиции и не создаваат исти ризици.

Образложението дека анализите, елаборатите и јавната расправа би дошле во следните фази може да биде процедурално разбирливо. Но политички и демократски не е доволно. За Советот да отвори урбанистичка постапка, советниците и граѓаните мора да имаат барем основна проектна слика: кој предлага, што предлага, во колкав обем и со какви последици. сМоже да се претпоставува дека Пехчево било интересно поради достапното земјиште, помалата густина на населението или постудената клима, која може да помогне во ладењето на опремата.

Но без објавена техничка и економска анализа, тоа не се аргументи, туку претпоставки создадени откако локацијата веќе била предложена. Стратешката инфраструктура не треба да се лоцира таму каде што случајно се појавиле пет расположливи парцели. Прво треба да се утврдат условите – енергија, вода, телекомуникациска поврзаност, природни ризици, безбедност и локална корист – а потоа да се избере локацијата што најдобро ги исполнува.

Токму затоа едногласното отфрлање на иницијативата од Советот не треба автоматски да се толкува како отпор кон технологијата. Советниците побарале анализи за влијанието врз животната средина, потрошувачката на струја и вода и економската корист за локалната заедница (А1он, 25 август 2026).

Пехчево, значи, не ѝ кажа „не“ на дигиталната иднина. Ѝ кажа „не“ на одлука што требаше да се донесе пред да пристигнат основните информации. А кога се гради дата- центар, најмалку што може да се побара се – податоци.

И слепото „за“ и масовното „против“ без факти се еднакво проблематични.

Дебатата за дата-центарот во нешто потсетува на романот „Бунар“ од Димитар Башевски. Уште пред да се измери теренот, да се утврди колку е длабок бунарот и кој ќе ја користи водата, селото веќе се собра околу главниот лик Симон – едни убедени дека носи спас, други се сомневаат во него како добротвор и дека мора веднаш да се затрупа.

На Фејсбук пак, дата-центарот за неколку часа стана и симбол на напредокот и најава за еколошка катастрофа, иако за конкретниот проект речиси и да немаше податоци. Но поуката од романот не е дека масата секогаш греши, а оној што копа секогаш е во право: и добрите намери можат да кријат суета и интерес, како што и колективниот страв може да прерасне во отпор кон сè што е ново.

Ниту оној што копа е однапред добротвор, ниту оние што се сомневаат се непријатели на напредокот. Бунарот не се оправдува со ветувања, но не се ни затрупува од страв – прво се мери неговата длабочина, се испитува водата и се утврдува кому ќе му служи. Бунар не се копа без да се испита земјата, но не се ни затрупува пред да се види дали има вода.

Пишува мр. Лилјана Пецова Илиевска и извршна директорка на Здружението ИМПЕТУС

 

*Ставовите и колумните објавени се лични мислења на авторите и не претставуваат став или уредувачка политика на Коректив.мк. Редакцијата не сноси одговорност за евентуални грешки или штети кои би можеле да настанат од објавените содржини.

 

Tags: дата-центрипехчевосистемстратегија
SummarizeShare259

Related Stories

„Парадоксот на Диоген“, 65 години подоцна

„Парадоксот на Диоген“, 65 години подоцна

by ДЕСК коректив.мк
September 10, 2026
0

Еден ден по одбележувањето на 35 години независност, Македонија повторно зборува за државност, достоинство, иднина и европски вредности. Знамињата се собраа, говорите завршија, а големите зборови повторно се...

Бриселски институт: ЕУ не е подготвена за проширување, но полноправното членство никогаш не било единствениот модел на интеграција

Бриселски институт: ЕУ не е подготвена за проширување, но полноправното членство никогаш не било единствениот модел на интеграција

by ДЕСК коректив.мк
September 13, 2026
0

Европската Унија сега е неподготвена да прифати нови членови, а интеграцијата на земји како Исланд или Норвешка во единствениот пазар, примената на сите одредби на ЕУ во тие...

35 години македонски спорт: Од рачно испишаното „Македонија“ до европските и светските спортски сцени

35 години македонски спорт: Од рачно испишаното „Македонија“ до европските и светските спортски сцени

by ДЕСК коректив.мк
September 8, 2026
0

Пред 35 години, кога Македонија ја започна својата приказна како независна држава, веројатно малкумина можеле да предвидат дека спортот ќе стане еден од најсилните и најпрепознатливите симболи на...

И по 35 години, поделбите сè уште траат

И по 35 години, поделбите сè уште траат

by ДЕСК коректив.мк
September 8, 2026
0

„Политичките партии и сите политичари Албанци и Македонци од првиот ден на осамостојувањето на Македонија не поделија на Албанци и Македонци, но тогаш сите бевме до некаде сиромашни....

Next Post
ВИДЕО| Жени го обвинуваат советникот на Груевски – Сем Вакнин дека е сексуален предатор и лажен психотерапевт

ВИДЕО| Жени го обвинуваат советникот на Груевски – Сем Вакнин дека е сексуален предатор и лажен психотерапевт

Коректив.мк

Коректив.мк е независен истражувачки медиум кој ја држи новинарската „куче‐чувар“ функција на
властите, институциите и големите интереси. Ние го следиме јавниот живот и ги откриваме
аномалиите, неправилностите и девијациите кои му штетат на општеството, со цел да
придонесеме за поголема транспарентност и одговорност, со почитување на професионалните
новинарски етички стандарди.

Follow us

Став

„Парадоксот на Диоген“, 65 години подоцна

„Парадоксот на Диоген“, 65 години подоцна

September 10, 2026
Бриселски институт: ЕУ не е подготвена за проширување, но полноправното членство никогаш не било единствениот модел на интеграција

Бриселски институт: ЕУ не е подготвена за проширување, но полноправното членство никогаш не било единствениот модел на интеграција

September 13, 2026

Не пропуштајте

Државата во облак, јавноста во магла: што ни покажа Пехчево за дата-центрите

Државата во облак, јавноста во магла: што ни покажа Пехчево за дата-центрите

September 8, 2026
ВИДЕО| Жени го обвинуваат советникот на Груевски – Сем Вакнин дека е сексуален предатор и лажен психотерапевт

ВИДЕО| Жени го обвинуваат советникот на Груевски – Сем Вакнин дека е сексуален предатор и лажен психотерапевт

September 14, 2026
  • За нас
  • Кодекс на новинари
  • Импресум
  • Контакт
  • Маркетинг

© 2026 коректив.мк. Сите права се задржани.

Powered by
►
Necessary cookies enable essential site features like secure log-ins and consent preference adjustments. They do not store personal data.
None
►
Functional cookies support features like content sharing on social media, collecting feedback, and enabling third-party tools.
None
►
Analytical cookies track visitor interactions, providing insights on metrics like visitor count, bounce rate, and traffic sources.
None
►
Advertisement cookies deliver personalized ads based on your previous visits and analyze the effectiveness of ad campaigns.
None
►
Unclassified cookies are cookies that we are in the process of classifying, together with the providers of individual cookies.
None
Powered by
No Result
View All Result
  • Актуелно
  • Анализа
  • Истрага
  • Приказна
  • Свет
  • Хроника

© 2026 коректив.мк. Сите права се задржани.