Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) објави дека го обвинила основачот на Телеграм, Павел Дуров, за олеснување на терористички активности и издаде меѓународна потерница по него.
ФСБ соопшти дека обвиненијата се однесуваат на неуспехот на Телеграм да отстрани содржина за која руските власти тврдат дека „ја користеле украинските специјални служби, како и терористичките и екстремистичките организации, за подготовка и координирање на акти на саботажа и тероризам, масовни убиства и сајбер измами на територијата на Руската Федерација“.
Павел Дуров и Телеграм сè уште не ги коментирале обвиненијата, објави Ројтерс.
Телеграм, апликација за пораки основана во 2013 година, вели дека има повеќе од милијарда корисници и е широко користена од двете страни во војната меѓу Русија и Украина.
Русија во последните години постојано се обидуваше да ја ограничи употребата на Телеграм, додека ја промовираше својата сопствена апликација за пораки поддржана од државата, MAX.
Дуров, кој е роден во Русија, но сега има пасоши од Обединетите Арапски Емирати и Франција, го основал ВКонтакте, рускиот пандан на Фејсбук, пред да го продаде својот преостанат удел во 2014 година под притисок на руските власти.
Француските власти, исто така, го истражуваат Дуров поради обвинувањата дека Телеграм не успеал соодветно да се справи со криминалните активности на платформата и не соработувал доволно со органите за спроведување на законот.
Дуров ги отфрла обвинувањата и негира каква било одговорност.










