Од 1 декември во Македонија почнува да се применува новиот Правилник за утврдување привремена спреченост за работа, објавен во Службен весник од Фондот за здравствено осигурување. Измените воведуваат нови надлежности за матичните лекари и административни олеснувања за осигурениците.
Избраниот лекар ќе може да одобрува боледување до пет дена врз основа на сопствена медицинска процена, наместо дотогашната граница од седум дена. Тој останува надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа до 15 дена, а за подолги периоди одлучува надлежната лекарска комисија на Фондот.
Од Фондот за здравствено осигурување нагласуваат дека со измените не се скратува правото на боледување, ниту се ограничува неговото времетраење кога постои медицински оправдана потреба. Предвидени се и електронско генерирање на извештајот, како и појасни правила за ретроактивно утврдување на боледувањето.
Новиот правилник ги уредува и случаите на повторно отворање боледување. Ако во рок од 30 дена по затворањето на претходното отсуство се појави потреба за ново отсуство поради иста или сродна дијагноза од истата група, матичниот лекар ќе поднесува предлог до надлежната лекарска комисија.
Дел од медицинските критериуми во системот потекнуваат уште од 2012 година, па Фондот оцени дека нивното осовременување е неопходно. Осигурениците кои не се задоволни од оценката имаат право на приговор до првостепената или второстепената лекарска комисија.








