Левица најавува законска офанзива против практиките на финансиските друштва што одобруваат брзи кредити. Лидерот на партијата и пратеник Димитар Апасиев најави четири законски решенија со кои, како што посочува, треба да се стави крај на злоупотребите и на, како што го нарекува, „должничкото ропство“ на граѓаните.
Апасиев за проблемот зборуваше и во Собранието, оценувајќи дека брзите кредити станале сериозен товар за голем број семејства, особено поради високите трошоци, скриените провизии и спорните начини на наплата. Според него, потребна е посилна законска заштита на граѓаните и поефикасна контрола врз финансиските друштва.
Најавата доаѓа по објавените сведоштва за случаи во кои лица задолжени кај компании за брзи кредити биле изложени на притисоци и заплашувања при наплатата. Истражувањата покажаа дека дел од наплатувачите оделе во домовите на должниците, а во одредени случаи барале пари и од членови на нивните семејства.
„Мажи во црно“ ги притискаат должниците: Со закани наплатуваат брзи кредити од граѓаните
Проблемот го потврдуваат и податоците за растот на задолженоста. Во првата половина од 2026 година граѓаните имале 263.423 активни кредити од небанкарски финансиски друштва, со вкупен долг од околу 237 милиони евра, наспроти 189 милиони евра на крајот од претходната година.
Дополнително, во периодот од јули 2024 до октомври 2026 година биле казнети 18 финансиски друштва, а изречените глоби изнесувале околу 46.400 евра. Надлежните утврдиле и неправилности во наплатата на трошоци, предвремената отплата и рекламирањето кредити со „нула проценти камата“, иако договорите содржеле дополнителни давачки.
Од Левица оценуваат дека досегашните мерки не обезбедиле доволна заштита и дека е неопходна посеопфатна законска интервенција. Најавените четири решенија треба да го отворат прашањето за одговорноста на финансиските друштва и за спречување на практиките со кои граѓаните дополнително се задолжуваат и се изложуваат на притисоци.









