Пратениците на СДСМ и коалицијата денеска во Собранието поднесоа интерпелација за гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, поради неговото постапување во случајот со Алта банка. Од партијата бараат да се утврди негова политичка одговорност за дадената согласност Алта банка АД Белград да стекне квалификувано учество во тогашната Стопанска банка АД Битола.
Од СДСМ бараат Славески да одговори какви проверки биле направени пред да биде дадена согласност за влез на српската банка, особено во однос на инвеститорот, сопственичката структура и потеклото на капиталот.
Пратениците бараат објаснување и како биле проценети ризиците за депонентите, како и врз основа на кои критериуми била дадена согласност за именување на Давор Мацура во Надзорниот одбор на банката во Битола.
„Славески треба да одговори и што разговарал со премиерот Христијан Мицкоски за влезот на Алта банка со неговите ‘консултации’“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата очекуваат Собранието да расправа по интерпелацијата и да утврди политичка одговорност за постапувањето на гувернерот.
Воедно, бараат и Јавното обвинителство да постапи по веќе поднесените кривични пријави поврзани со случајот со Алта банка.








