Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, смета дека треба да се разгледа можноста недела повторно да биде работен ден, оценувајќи дека сегашното решение е неправедно и може да предизвика одлив на работници во соседните земји. Неговата изјава предизвика реакција од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), од каде што најостро се спротивставија на можноста за укинување на недела како неработен ден.
Ристески во гостување на ТВ Сител рече дека сегашното решение не е праведно ниту кон работодавачите, ниту кон вработените, особено ако се има предвид дека работата во недела се плаќа со повисока дневница.
„Ако се плаќа со многу поголема дневница, зошто да му го скратиме правото на некој што сака да работи во недела да оствари поголем приход и зошто да дозволиме, ако не се работи во недела, да имаме одлив на луѓе во околните држави“, изјави Ристески.
Тој посочи дека барање за промена на актуелното решение има од стопанските комори и дека лично не гледа причина зошто недела повторно не би можела да биде работен ден.
„Ако ме прашате мене, зошто да не се врати недела да биде работен ден“, рече заменик-министерот.
Сепак, Ристески нагласи дека ова е негов личен став и дека прашањето треба да се разгледа на Економско-социјалниот совет, со вклучување на сите засегнати страни и земање предвид на веќе стекнатите работнички права.
„Треба да видиме дали тоа би било позитивно за македонската економија или негативно, бидејќи политички ад хок решенија не се добри за оваа држава“, додаде тој.
На неговата изјава реагираше претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, кој порача дека синдикатот не е изненаден од најавите за можно враќање на недела како работен ден. Според него, иако Ристески ја претставил изјавата како личен став, таа се надоврзува на барањата за укинување на одредени работнички права.
„Со изјавата ‘Ако ме прашате мене, зошто да не се врати недела да биде работен ден’, која ја дал заменик-министерот Ристески, тој се става во улога на мегафон на газдите со кои очигледно има идентичен став и се надоврзува на барањето за укинување на празниците, па така, покрај газдите, сè почесто и функционерите зборуваат за кратење на работничките права“, напиша Трендафилов.
Тој го постави прашањето дали заменик-министерот некогаш работел или денес работи во недела, за да смета дека работниците кои во моментов имаат слободен ден треба повторно да работат.
„На заменик-министерот му порачуваме дека и сабота е неработен ден, а дека истиот газдите најмногу го злоупотребуваат, нешто што работниците секојдневно го зборуваат, а креаторите на политиките се прават дека не го гледаат и слушаат“, наведува претседателот на ССМ.
Синдикатот најави дека ќе се спротивстави на секој обид за укинување на недела како неработен ден и предупреди дека работничките права не треба да бидат предмет на преговори со работодавачите.
„ССМ најостро се спротивставува на ваквите намери за кратење на работничките права. Функционерите треба да бидат претпазливи во давањето изјави со кои го откриваат своето вистинско лице и навестуваат дека се политичари кои се против работниците. ССМ нема да дозволи работничките права да станат предмет на пазарење со газдите!“, порача Трендафилов.









