Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и министерот за правда Јетон Шасивари разменија остри пораки околу полагањето на правосудниот испит на албански јазик. Ахмети обвини дека Владата подготвува решение со кое испитот би се полагал делумно на албански, а делумно на македонски јазик, оценувајќи дека тоа би значело ограничување на стекнатите права. Шасивари, пак, порача дека прашањето не треба да се претвора во партиско наддавање и дека ДУИ нема монопол врз Охридскиот договор и правата на Албанците.
Во отворено писмо до министерот, Ахмети побара правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик, повикувајќи се на Законот за употреба на јазиците и на Охридскиот рамковен договор.
Тој тврди дека се подготвува решение според кое испитот би се полагал на двата јазика, а потоа би било претставено пред Венецијанската комисија како напредок во остварувањето на јазичните права.
„Сакам да бидам многу јасен: таквото решение не е чекор напред. Тоа е чекор назад, деградирање на стекнато право и, доколку се претстави како унапредување на јазичните права, претставува акт на предавство кон Албанците и кон самиот Закон за употреба на јазиците“, наведува Ахмети.
Според него, Законот за употреба на јазиците, донесен во 2018 година и стапен во сила во 2019 година, создава јасни обврски за државните институции. Ахмети се повикува на членовите 1, 2, 6 и 23, тврдејќи дека тие овозможуваат полагање на правосудниот испит на албански јазик и дека Министерството за правда има обврска да го обезбеди тоа.
„Правосудниот испит е стручен испит за оценување на правните знаења, а не тест за познавање на македонскиот јазик. Албанските студенти кои ги завршиле правните студии на албански јазик на акредитирани универзитети во Република Северна Македонија не можат да бидат ставени во нерамноправна положба кога го остваруваат своето право на пристап до стручниот испит“, пишува Ахмети.
Тој смета дека познавањето на македонскиот јазик може да се проверува преку посебни механизми за јазична сертификација, но не треба да биде пречка за полагање на правосудниот испит.
Ахмети се повикува и на наодите на Инспекторатот за употреба на јазиците, за кој тврди дека констатирал прекршување на законот од страна на Министерството за правда во однос на барањата за полагање на правосудниот и други стручни испити на албански јазик.
Во писмото тој упатува критики и до претставниците на ВЛЕН, оценувајќи дека нивните изјави за употребата на јазикот во судството не се во согласност со Законот за употреба на јазиците.
„Тврдењата на одредени претставници на ВЛЕН дека правниот јазик на судовите е само македонскиот јазик не стојат пред јасните одредби на Законот за употреба на јазиците. Членот 9 од овој закон ја предвидува употребата на албанскиот јазик покрај македонскиот и во оваа област“, наведува Ахмети.
Тој побара од министерот Шасивари да покаже „политичка, институционална и национална одговорност“ и да се откаже од, како што ги нарекува, обидите за ограничување на јазичните права.
„Не бараме привилегии. Бараме спроведување на законот. Во овој случај не бараме нови права. Бараме почитување на правата кои веќе се загарантирани и стекнати со жртви. Јазичните права не се сопственост на ниту една политичка партија и не можат да бидат предмет на пазарење за ниту една влада. Тие се права на граѓаните и обврска на државата“, пишува Ахмети.
На крајот од писмото, лидерот на ДУИ се обрати и до САД, Европската Унија, НАТО и властите во Тирана и Приштина, повикувајќи ги да го следат почитувањето на Охридскиот договор и правата што произлегуваат од него.
Одговор на обвинувањата стигна од министерот Шасивари, кој порача дека јазичните права не треба да бидат предмет на партиски препукувања. Тој потсети дека прашањето со полагањето на правосудниот испит со години било отворено пред Министерството за правда и оцени дека претходните министри имале можност да го решат.
„Осум министри за правда Албанци од редовите на ДУИ имаа можност да го решат ова прашање, но не го направија тоа“, посочи Шасивари.
Тој нагласи дека правата на граѓаните не ѝ припаѓаат на ниту една политичка партија.
„Јазичните права не се партиска сопственост, ниту се политички капитал на кој било поединец или политичка партија. Тие се права на граѓаните, а нивното обезбедување е обврска на институциите“, порача министерот.
Шасивари информираше дека Министерството работи на законско и долгорочно решение кое, како што рече, ќе обезбеди еднакви можности за сите кандидати, со истовремено почитување на јазичната инклузивност и професионалните стандарди.
Тој најави дека ќе побараат мислење од Венецијанската комисија, оценувајќи дека нејзината правна процена ќе придонесе за сигурноста и одржливоста на решението. Според него, процесот е отворен и во консултациите се вклучени деканите на правните факултети и студентските претставници.
„ДУИ нема монопол ниту врз Охридскиот рамковен договор, ниту врз албанскиот јазик, ниту врз правата на Албанците“, истакна Шасивари.
Министерот додаде дека на 27 ноември Ахмети ќе има можност своите забелешки да им ги пренесе на известителите на Венецијанската комисија во Собранието.
„Ние нема да водиме политика со правата на граѓаните. Ќе ги решаваме проблемите што другите со децении ги оставиле нерешени“, порача Шасивари.









