Џенсен Хуанг повторно е извршен директор на американскиот технолошки гигант „Нвидиа“, откако Управниот одбор едногласно одлучи да го врати на функцијата, само 11 дена по неговата оставка. Одлуката стапува во сила веднаш, а досегашната привремена директорка и финансиска директорка Колет Крес ќе продолжи да ја извршува функцијата финансиски директор.
Од компанијата соопштија дека одлуката следела по серија разговори и состаноци со Хуанг, по кои членовите на Одборот биле уверени во неговата искреност и способност повторно да ја води компанијата. Во процесот биле земени предвид и мислењата на високи претставници на американската администрација, по што било заклучено дека неговото враќање не претставува ризик за националната безбедност.
Хуанг поднесе оставка на 12 ноември, по откритијата за неговото приватно однесување, кое, според претходното образложение на Одборот, било во спротивност со кодексот на однесување и корпоративните стандарди на компанијата.
Неговото заминување предизвика силни реакции во технолошката индустрија, а над 180.000 лица потпишаа петиција со која бараа да се врати на функцијата. Меѓу поддржувачите беа и американскиот претседател Доналд Трамп и Илон Маск.
Трамп потврди дека интервенирал за враќањето на Хуанг, оценувајќи дека неговата улога е важна за компанијата и за американската технолошка индустрија. По објавувањето на одлуката, акциите на „Нвидиа“ забележаа силен раст на берзата.
Сепак, контроверзите околу поранешниот директор не се целосно затворени. Одборот формираше независна комисија која ќе продолжи да ги испитува околностите поврзани со случајот, вклучително и сомнежите за можни странски разузнавачки активности. Компанијата најави и дополнителни механизми за надзор на националната безбедност и контролата на извозот на напредни чипови.
Хуанг, кој ја основа „Нвидиа“ и ја водеше повеќе од три децении, се очекува да одговори и на прашања пред американските законодавци во врска со извозот на чипови во Кина и други прашања поврзани со работењето на компанијата.









