Бугарската влада одобри нацрт-протокол со кој се предвидува Бугарија да ја организира изградбата на целиот железнички тунел Деве Баир, вклучително и делот што се протега на територијата на Македонија.
Според документот, Софија ќе биде надлежна за спроведување на јавните набавки за изградбата, како и за градежниот надзор на објектот. Одлуката е донесена на 18 ноември, а нацрт-протоколот е одобрен како основа за понатамошни преговори.
Документот сè уште не е во сила. Треба да го потпишат министрите за транспорт на двете земји, по што ќе следуваат постапките за негово одобрување.
Железничкиот тунел е проектиран да биде долг 2.383 метри. Од нив, околу 1.189 метри се на македонска, а 1.194 метри на бугарска територија. Конечната должина и техничките параметри ќе бидат утврдени со проектната документација.
Тунелот треба да ги поврзе железничките мрежи на двете земји меѓу Крива Паланка и Ѓуешево, како дел од Коридорот 8. И покрај тоа што изградбата би ја организирала Бугарија, секоја држава ќе остане сопственик на делот од тунелот што се наоѓа на нејзина територија.
Основниот меѓувладин договор за изградба на тунелот беше потпишан на 6 ноември 2025 година, а стапи во сила на 4 март годинава.
Во најновата одлука на бугарската влада не се наведени проценетата вредност на проектот, датумот за почеток на градежните работи ниту рокот за завршување и пуштање на тунелот во употреба.









