Американскиот претседател Доналд Трамп пристигна во Кина, каде што утре треба да се одржи историска трилатерална средба со рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг.
Разговорите ќе се одржат во рамки на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Шенжен и ќе биде прва средба од ваков формат меѓу лидерите на трите најголеми сили.
Путин изјави дека очекува „голема потенцијална корист“ од разговорите, оценувајќи дека во услови на поделена светска економија и зголемени геополитички ризици, партнерството е подобро од изолацијата. Тој рече дека самитот на АПЕК претставува можност за конструктивна размена на мислења.
Пред трилатералната средба, Путин одржа билатерални разговори со Си Џинпинг. Рускиот претседател оцени дека соработката меѓу Москва и Пекинг се одвива стабилно и позитивно на меѓународната сцена. Џинпинг, пак, повика на конкретни чекори за продлабочување на сеопфатната соработка и порача дека двете земји треба да придонесуваат за развој на мултиполарен свет.
Путин се осврна и на западните санкции, тврдејќи дека тие не успеале да ја изолираат или да го запрат развојот на Русија. Според него, ограничувањата ја поттикнале земјата да ја намали зависноста од доларот и еврото и да ја зајакне сопствената индустриска и технолошка база. Сепак, тој призна дека санкциите, царините и извозните ограничувања го забавуваат развојот.
Најавената средба привлекува големо меѓународно внимание поради различните интереси на трите земји. Меѓу темите што би можеле да бидат отворени се контролата на нуклеарното вооружување, трговските односи, војната во Украина и конфликтот во Иран.









