Јавното обвинителство ќе постапува по секоја кривична пријава поврзана со Алта банка, а надлежниот јавен обвинител ќе мора да ги провери наводите и да преземе соодветни истражни дејствија. Ова го изјави државниот јавен обвинител Ненад Савески во интервју за емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.
Одговарајќи на прашањето дали Обвинителството ќе се вклучи во случајот со Алта банка по поднесените кривични пријави, Савески објасни дека секоја пријава што ќе пристигне во институцијата се распределува кај надлежен јавен обвинител, кој има обврска да ги провери изнесените наводи.
Тој посочи дека Обвинителството ги анализира и јавните повици за отворање постапки, без оглед од кого доаѓаат, но нагласи дека тие не значат автоматски и постоење основ за кривично гонење.
„Ние таквите повици ги анализираме секогаш. Меѓутоа, не секогаш во она на што нè повикуваат гледаме дека постои основ за покренување постапка“, изјави Савески.
Според него, обврска на Обвинителството е во секоја ситуација да ги провери информациите, да ги истражи наводите и да собере докази, вклучително и во актуелниот случај со Алта банка.









