Ефикасен кривичен прогон, подобра организација на работата и поцелисходно користење на расположливите ресурси ќе бидат во фокусот на новата раководителка на ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева, која најави дека ќе се залага за поодлучно постапување во предметите од особено значење за јавниот интерес.
Хаџи Василева денеска даде свечена изјава пред Советот на јавните обвинители со што и официјално стапи на функцијата. Таа рече дека приоритетите ѝ се јасни, а предизвиците со кои се соочува обвинителството во борбата против организираниот криминал и корупцијата ѝ се добро познати.
Според неа, иако ресурсите со кои располага обвинителството се ограничени, потребно е да се работи на нивно зголемување, но и на поефикасно искористување на постојните капацитети.
Осврнувајќи се на оценките од последниот извештај на Европската комисија, во кој беше нотирано дека нема напредок во борбата против корупцијата, Хаџи Василева рече дека е свесна за состојбите и очекувањата, порачувајќи дека обвинителството ќе се насочи кон предметите што имаат најголемо значење за граѓаните и општеството.
Таа најави дека целта е да се постигнат поконкретни резултати преку поефикасен и поодлучен кривичен прогон, особено во случаите во кои е загрозен јавниот интерес.
Хаџи Василева беше избрана за нова раководителка на ОЈО ГОКК на изборите одржани на 28 октомври, кога освои 64 гласа од вкупно 171 важечко гласачко ливче. Таа беше една од петтемина кандидати за функцијата, заедно со Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ и Јован Цветановски.
Во програмата што ја претстави пред Советот на јавните обвинители, Хаџи Василева посочи дека борбата против корупцијата и организираниот криминал мора да биде во средиштето на работата на обвинителството, имајќи го предвид нивното влијание врз јавниот интерес, безбедноста на граѓаните и општествениот развој.
Таа доаѓа на местото на Ислам Абази, чиј мандат заврши по четири години на чело на ОЈО ГОКК. Абази беше избран за раководител во октомври 2022 година.









