Со сослушување на економскиот вештак д-р Анита Поповска, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судскиот процес за случајот „Државна лотарија“, во кој меѓу обвинетите се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами.
Поповска пред судот потврди дека останува во целост на изготвениот вешт наод и мислење, кој се однесува на набавката на видео-лотариски терминали за приредување игри на среќа. Во рамките на вештачењето биле анализирани текот на јавната набавка, донесените одлуки, понудите на економските оператори, склучените рамковни спогодби, како и испораката на опремата и извршените плаќања.
Во своето сведочење таа посочи дека третиот економски оператор бил избран во постапката, но во документацијата што ѝ била доставена немало податоци за склучени поединечни договори со него, испорачана опрема, фактури или извршени плаќања.
На директно прашање, вештакот потврди дека за набавката биле исплатени вкупно 596.125.511 денари.
По завршувањето на рочиштето, адвокатот на одбраната Асмир Алиспахиќ изјави дека бранителите поднеле приговори на дел од прашањата упатени до вештото лице. Според него, дел од прашањата ја надминувале содржината на вештачењето и опфатот на наредбата врз основа на која тоа било изработено.
„Одбраната смета дека со вака поставените прашања, кои излегуваат надвор од наредбата и одговорите дадени во самиот вешт наод и мислење, всушност се поставуваат прашања што би требало да бидат предмет на друго вештачење“, рече Алиспахиќ.
Тој оцени дека, од аспект на одбраната, постапката за јавната набавка и исплатата на средствата не се спорни, но нагласи дека во понатамошниот тек на судењето ќе се утврдува дали и какво влијание има вештачењето врз обвинетите.
Во однос на отсуството на актуелниот директор на Државна лотарија, адвокатот посочи дека денешното рочиште било предвидено за испитување на вештакот, додека за следните расправи и неговото евентуално сослушување јавноста дополнително ќе биде информирана.
Покрај Груби и Бајрами, во предметот се обвинети и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.
Според обвинението, обвинетите со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари. Сите обвинети досега се изјасниле дека не се чувствуваат виновни.
Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судењето го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.









