Судскиот совет го избра судијата во Вишиот управен суд, Субхи Јакупи, за нов претседател на Управниот суд. Одлуката беше донесена на денешната седница, по разгледувањето на кандидатурите и гласањето врз основа на извештајот со предлог-листата.
Повеќето членови на Советот кои учествуваа во расправата дадоа позитивни оценки за Јакупи, посочувајќи ги неговото досегашно професионално искуство, способноста за раководење и програмата за работа. Дел од нив сметаа дека неговото долгогодишно познавање на состојбите во управното судство е значајна предност за функцијата.
Исамедин Лимани оцени дека Јакупи има капацитет успешно да раководи со Управниот суд, додека Ивица Стефановски меѓу аргументите за неговиот избор ја посочи и правичната застапеност. Данка Ристова направи споредба на програмите на кандидатите, оценувајќи дека програмата на Јакупи е поквалитетна и дека во неа се препознава неговиот придонес во конституирањето на управното судство, како и јасното посочување на проблемите во системот.
Позитивни оценки за кандидатот изнесоа и Садула Изаири, кој ги истакна неговата програма, личните квалитети и професионалното искуство, како и Џенета Бегтовиќ. Таа потсети дека Јакупи претходно ја извршувал функцијата заменик-претседател на Вишиот управен суд, што му овозможило да стекне искуство во раководењето со судска институција.
Со позитивните оценки се согласи и Арлинда Кадри-Шахиновиќ, додека Тања Чачарова-Илиевска посочи дека седумгодишното искуство на Јакупи во Вишиот управен суд му овозможува добро да ги познава состојбите и предизвиците во управното судство. Аритон Ала му го честиташе изборот, а Владо Камбовски оцени дека Јакупи понудил најдобра програма.
Сепак, изборот не помина без забелешки. Против кандидатурата на Јакупи се изјасни Сузана Јошевска, која посочи дека тој има најкраток судиски стаж од пријавените кандидати и е единствениот кој досега не работел како судија во Управниот суд, со кој сега треба да раководи. Таа забележа и дека неговата програма содржи поставени цели, но дека тие не се доволно конкретно разработени.
За претседателската функција се пријавиле пет кандидати. Пријавите на Субхи Јакупи, Газменд Фејзули, Едита Наскова и Ѓоко Живковски биле оценети како навремени и комплетни, додека кандидатурата на Љуљзим Салиу била отфрлена поради некомплетна документација.









