Речиси една третина од работодавачите не ја исплатиле навреме бруто-платата за септември, а повеќе од 8.000 фирми што имале обврска да платат ДДВ не го подмириле долгот во законскиот рок. Ова го покажуваат податоците на Управата за јавни приходи (УЈП) за наплатата на даноците и придонесите за септември 2026 година.
Од вкупно 74.782 работодавачи кои имале обврска да исплатат бруто-плата за 553.040 вработени, само 49.439 или 66,11 отсто ја исполниле обврската до законскиот рок, 15 октомври. Со тоа, придонесите биле платени за 481.003 вработени, односно за 86,97 отсто од вкупниот број работници.
Тоа значи дека повеќе од 25.000 работодавачи не ја исполниле навреме обврската за исплата на бруто-плати, а придонесите не биле платени за околу 72.000 вработени.
Слична слика има и кај ДДВ. Навреме даночни пријави поднеле 98,5 отсто од месечните и 97 отсто од тримесечните ДДВ-обврзници, но поднесена пријава не значи и платен данок.
Вкупно 21.061 фирма пријавиле дека имаат обврска за плаќање ДДВ во износ од 5,578 милијарди денари. Од нив, само 12.676 или 60,2 отсто го платиле долгот во предвидениот рок. Во буџетот биле уплатени 2,542 милијарди денари, односно 45,6 отсто од вкупно пријавената обврска.
Тоа значи дека по истекот на рокот останале неплатени околу 3,036 милијарди денари ДДВ.
Од УЈП информираат дека за оние кои не ги подмириле обврските навреме се преземаат законски мерки, вклучително и казни за неподнесување даночни пријави и присилна наплата на долговите.









