Хрватска во последните 13 учебни години изгубила 63.918 ученици во основните и средните училишта, односно 12,5 отсто. Најтешко е погодена Вуковарско-сремската жупанија, каде што бројот на ученици се намалил за повеќе од една третина, додека раст бележат само Град Загреб и Истарската жупанија, пренесува агенцијата „Хина“.
Податоците од ШеР (Училишниот е-рудник) на Министерството за наука, образование и млади покажуваат дека најголем процентуален пад на бројот на ученици е забележан во Вуковарско-сремската жупанија, која во набљудуваниот период изгубила 8.094 ученици, односно 34,37 отсто. Следуваат Бродско-посавската жупанија со пад од 31,41 отсто и 6.504 ученици помалку, како и Пожешко-славонската жупанија, каде што бројот на ученици се намалил за 31,23 отсто, односно за 3.229.
Пад поголем од 20 отсто е забележан и во Вировитичко-подравската, Сисачко-мославинската, Осиечко-барањската, Личко-сењската и Бјеловарско-билогорската жупанија. Во Осиечко-барањската жупанија бројот на ученици се намалил за 8.870, што е најголемото намалување во апсолутни бројки меѓу жупаниите.
Од друга страна, раст на бројот на ученици во однос на учебната 2013/2014 година бележат само Град Загреб и Истарската жупанија. Во Град Загреб бројот на ученици се зголемил за 2,16 отсто, односно за 2.095, додека во Истарската жупанија пораснал за 1,87 отсто, односно за 399 ученици.
Податоците покажуваат дека пад на бројот на ученици е забележан и во основното и во средното образование, при што бројот на момчиња се намалил за 12,88 отсто, а на девојчиња за 12,22 отсто.
Во последните неколку учебни години падот се забавил. Додека меѓу учебните 2014/2015 и 2015/2016 година бројот на ученици се намалил за 11.992, во последната споредба, меѓу 2025/2026 и 2026/2027 година, намалувањето изнесува 537 ученици.
Сè помалку ученици и во островските и во ридско-планинските училишта
Во училиштата на островите бројот на ученици се намалил за 143, односно за 1,36 отсто, во периодот од учебната 2013/2014 до 2026/2027 година. Според податоците на Министерството за наука, образование и млади, бројот на ученици во овие училишта се намалил од 10.522 на 10.379.
Најголем пад е забележан во островските училишта во Дубровничко-неретванската жупанија, каде што бројот на ученици се намалил за 8,28 отсто. Следува Задарската жупанија со пад од 6,59 отсто, додека во Сплитско-далматинската жупанија бројот на ученици се зголемил за 5,54 отсто, односно за 149.
Значително поголем пад е забележан во училиштата во ридско-планинските подрачја, кои во истиот период изгубиле 5.555 ученици, односно 19,80 отсто. Бројот на ученици во овие училишта се намалил од 28.057 на 22.502.
Најголем процентуален пад е забележан во Бродско-посавската жупанија, каде што бројот на ученици во училиштата во ридско-планинските подрачја се намалил за 46,74 отсто. Следуваат Вировитичко-подравската жупанија со пад од 44 отсто, Шибенско-книнската со 42,98 отсто и Вуковарско-сремската со 40,95 отсто.
Меѓу прикажаните жупании, единствено Загрепската жупанија забележала раст на бројот на ученици во училиштата во ридско-планинските подрачја, и тоа за 1,84 отсто.









