СДСМ ќе поднесе законско решение во Собранието согласно барањата на професионалните војници, најавија од партијата, изразувајќи поддршка за еднакви права и достоинствени услови за работа и пензионирање. Најавата доаѓа по вчерашниот протест пред Владата, на кој беше побарано надминување на разликите во отпремнините, зголемување на платите и решавање на работниот статус на професионалните војници.
Од партијата оценуваат дека е недозволива дискриминацијата со која се соочуваат припадниците на Армијата, посочувајќи ги разликите меѓу отпремнините на пензионираните пред и по 14 февруари 2024 година.
„Неправедно е поранешните припадници на Армијата кои заминале во пензија пред 14 февруари 2024 година да имаат значително помали отпремнини од оние кои се пензионирале по овој датум. По кој основ луѓето кои со години ѝ служеле на државата и ја извршувале истата должност да бидат различно вреднувани?“, прашуваат од СДСМ.
Оттаму порачуваат дека сите војници заслужуваат еднакви права и правичен третман од државата, а луѓето кои ја чуваат нејзината безбедност треба да имаат сигурност и достоинствени плати.
„Го поддржуваме барањето на професионалните војници за трансформирање на работниот однос на неопределено време после петта година како што предвидува Законот за работни односи и за зголемување на платите. Армијата е чувар на безбедноста на државата, како членка на НАТО мора да имаме силна одбрана, задоволни и мотивирани војници“, порачуваат од партијата“, се наведува во соопштението.
СДСМ ја обвини Владата дека, откако Христијан Мицкоски е на власт, две години нема зголемување на платите во Армијата. Наспроти тоа, од партијата наведуваат дека во времето на нивното владеење платите на офицерите, подофицерите, професионалните војници и цивилниот персонал биле етапно зголемени за 15 проценти. Воедно, потсетуваат на членството во НАТО во 2020 година и оценуваат дека условите за припадниците на Армијата мора постојано да се подобруваат.
На вчерашниот протест пред Владата, пензионираните припадници на Армијата излегоа со транспарентите „Не бараме милостина, бараме еднаквост“ и „613 ветерани не бараат виновници, бараат државата да ја исправи неправдата“. Нивното барање е да има еднаков третман при исплатата на отпремнините, без оглед на датумот на пензионирање.
Од Министерството за одбрана, пак, наведуваат дека ретроактивната исплата на повисоки отпремнини по законските измени е спротивна на законот. Пензионираните припадници на Армијата најавија радикализација на протестите во повеќе градови доколку не се најде решение за нивните барања.









