Швајцарија останува посветена на поддршката за европската интеграција на Македонија, спроведувањето на реформите и економскиот развој на земјата. Ова го порача швајцарскиот министер за надворешни работи и актуелен претседавач со ОБСЕ, Ињацио Касис, по средбата со шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски во Скопје.
Касис оцени дека стабилен и просперитетен Западен Балкан е во интерес и на Швајцарија и на ОБСЕ, а европската перспектива на Македонија ја посочи како важен фактор за зајакнување на регионалната безбедност и политичката стабилност.
Тој нагласи дека ОБСЕ може да помогне во приближувањето на земјата кон Европската Унија, особено преку следење на состојбите во владеењето на правото и поддршка за подобрување на односите со соседите. Мисијата на ОБСЕ во Скопје, додаде, е подготвена да продолжи со активностите во таа насока.
На средбата биле разгледани и можностите за продлабочување на економските односи, зголемување на трговската размена и привлекување нови инвестиции. Разговорите ја опфатиле и развојната соработка меѓу двете земји за периодот од 2025 до 2028 година.
Според Касис, економската поврзаност е важна и за зачувувањето на мирот и стабилноста, при што ја истакна потребата од развивање на трговските односи.
„Онаму каде што поминува стока, не поминува оружје“, рече швајцарскиот министер.
Тој информира дека Швајцарија преку програмата за развојна соработка ги поддржува реформските процеси во Македонија, а во наредниот период помошта ќе биде повеќе насочена кон економскиот развој, отворањето работни места и создавањето услови за нови инвестиции.
Муцунски, пак, оцени дека посетата на Касис е значајна и поради неговата двојна функција – шеф на швајцарската дипломатија и претседавач со ОБСЕ. Тој рече дека двете земји имаат одлични односи, но постои простор за нивно дополнително унапредување, особено во економијата, трговијата и инвестициите.
Во однос на евроинтеграциите, Муцунски ја повторил определбата на Владата за членство во Европската Унија и продолжување на реформите за усогласување со европските стандарди.
Тој посочил и дека актуелните геополитички околности бараат посилна соработка меѓу партнерите, повеќе солидарност и заедничко дејствување.
Касис се осврна и на трагедијата во Кран-Монтана во Швајцарија, порачувајќи дека Македонија била меѓу првите земји што понудиле помош и поддршка по несреќата на 1 јануари годинава. Притоа, ја споменал и солидарноста на земјава, имајќи го предвид искуството од трагедијата во Кочани.
Како важен мост меѓу двете држави ја посочил и македонската дијаспора во Швајцарија, за која изнесе податок дека брои речиси 100.000 лица и има значаен придонес во поврзувањето на двете општества.
„Без доверба нема безбедност, а без безбедност нема ни просперитет“, порача Касис.








