Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ годинава не е примен ниту еден кадет од албанска етничка припадност, што се случува за првпат од основањето на институцијата во 1995 година, обвини денеска опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ). Од партијата ја обвинија коалицијата Влен дека не успеала да обезбеди соодветна застапеност на Албанците во институциите, но од Министерството за одбрана одговорија дека причините за ваквиот исход се во резултатите од конкурсната постапка.
На конкурсот за прием на 29 питомци се пријавиле вкупно 99 кандидати, од кои 46 ги исполниле критериумите за селекција. Меѓу пријавените имало двајца кандидати Албанци, но едниот се откажал од постапката, додека другиот се пласирал на 43. место на ранг-листата, информираат од Министерството.
Според објавените податоци, од вкупниот број пријавени кандидати, 95 биле Македонци, двајца Албанци, еден Ром и еден Влав.
Од Министерството ги оценија обвинувањата на ДУИ како популистички и паушални, посочувајќи дека правичната и соодветна застапеност подразбира и пријавување кандидати од различните етнички заедници на јавните конкурси.
„За да постои и да се вреднува правичната и соодветна застапеност, потребно е граѓаните од соодветната етничка припадност да се пријават на јавните и транспарентни огласи за прием на питомци на Воената академија. Истовремено, нема да отстапиме ниту од принципот во Армијата да бидат примени најдобрите од најдобрите“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека конкурсната постапка била транспарентна, а огласот бил објавен во два дневни весници на македонски и албански јазик, на веб-страницата на Министерството, како и преку соопштенија до медиумите и објави на социјалните мрежи.
Од ДУИ, пак, сметаат дека ваквиот исход го нарушува духот на Охридскиот рамковен договор и принципот на правична и соодветна застапеност, предупредувајќи дека тоа може да се одрази и врз меѓуетничките односи.
„Влен мора да даде одговор: Каде исчезна застапеноста што ја ветуваше?“, прашуваат од партијата, додавајќи дека застапеноста не е привилегија, туку начело што не смее да биде заложник на политичките калкулации.








