Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) спроведуваат истрага против 20-ина комуникациски канали, меѓу кои веб-портали, како и страници и профили на Фејсбук и Инстаграм, поради сомневање дека биле користени за организирано ширење говор на омраза и поттикнување тензии преку содржини поврзани со односите меѓу Македонија и Бугарија, објави порталот Скопје1.
Во фокусот на истрагата се повеќе содржини објавувани во изминатиот период поврзани со внесувањето на Бугарите во Уставот, како и провокативни објави и материјали кои, според сомневањата, имале цел да поттикнат меѓусебни навреди, омраза и радикализација на јавната дебата меѓу македонски и бугарски граѓани.
Се истражува и начинот на финансирање на дел од овие активности.
Од МВР за „Слободен печат“ ја потврдуваат информацијата, но не откриваат детали за кои портали и фејсбук-страници станува збор.
„МВР постапува по индиции за портали и профили на социјалните мрежи за кои има сомнение за сторено кривично дело „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Доколку се утврди дека има елементи на кривично дело, Министерството ќе постапи во согласност со своите законски надлежности и ќе преземе соодветни мерки“, изјавиле од МВР за Слободен печат.








