Мирен протест под мотото „Стоп за фемицидот“ ќе се одржи во петок, 6 ноември, во Градскиот парк во Богданци, во чест на 17-годишната Билјана Ќириќ, чија смрт ја вознемири македонската јавност. Граѓаните преку собирот ќе побараат правда за девојката, поголема заштита на жените и одговорност од институциите кои треба навреме да реагираат на пријавите за насилство.
Протестот е закажан за 19 часот, а иницијаторите упатуваат повик до сите граѓани да се приклучат и да испратат порака дека насилството врз жените не смее да се премолчува и дека превенцијата мора да започне пред да се случи трагедија.
„Нејзиниот глас е замолчен, но нашиот мора да биде погласен од кога било“, се наведува во повикот објавен на социјалните мрежи.
Организаторите нагласуваат дека собирот нема партиски карактер и дека не станува збор за политички протест, туку за заедничко барање за правда, безбедност и функционални институции.
„Фемицидот мора да се спречи пред да се случи! Кога ќе се случи, веќе е доцна. Секој изгубен живот е системски неуспех, секоја премолчена жртва е заеднички пораз. Не смееме да дозволиме повеќе ниту една жена да живее во страв, ниту едно семејство да биде завиено во црно“, порачуваат иницијаторите.
Случајот со Билјана повторно го отвори прашањето за постапувањето на институциите во случаи на семејно и партнерско насилство. Според досегашните информации, девојката претходно пријавила физички напад и закани од 21-годишниот партнер, кој подоцна бил пријавен и против кого биле изречени мерки за заштита од семејно насилство.
Телата на девојката и нејзиниот партнер беа пронајдени на 3 ноември во близина на Богданци, по што обвинителството отвори истрага за случајот. Првичните индиции упатуваат на убиство и самоубиство.
Трагедијата предизвика реакции и повици за преиспитување на системот за заштита на жртвите, особено во однос на контролата на изречените мерки и навремената размена на информации меѓу полицијата, обвинителството и другите надлежни институции.
„Излези и ти. За Билјана, за сите нас, за иднината на нашите деца“, порачуваат организаторите, повикувајќи на масовно присуство на протестот.








