Американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрлал предупредувањата на своите советници за незадоволството на гласачите од високите трошоци за живот и можниот изборен пораз на републиканците, додека поголем дел од вниманието го насочувал кон надворешната политика и градежните проекти во Вашингтон. Ова го открива „Волстрит журнал“ во анализа на причините за тешкиот пораз на Републиканската партија на среднорочните избори.
Според весникот, Трамп во месеците пред изборите повремено им кажувал на соработниците дека не е особено заинтересиран за нивниот исход. Висок функционер на администрацијата изјавил дека претседателот бил уморен од домашните политички прашања и дека повеќе го интересирале надворешната политика и сопственото претседателско наследство.
И покрај предупредувањата од советниците дека гласачите се незадоволни од растот на трошоците за живот, Трамп ги отфрлал неповолните анкети, нарекувајќи ги лажни. Во текот на пролетта и летото, истражувањата покажувале дека републиканците ја губат предноста кај гласачите во однос на економското управување, а сè повеќе граѓани ја поврзувале инфлацијата со политиките на претседателот.
Меѓу оние кои го предупредувале Трамп дека мора повеќе да се фокусира на животниот стандард биле поранешниот претседател на Претставничкиот дом Њут Гингрич и телевизискиот водител Шон Ханити. Но, претседателот ги потценувал и предупредувањата за зголемувањето на цените на горивата.
Дополнителен проблем за републиканците била и војната со Иран, која предизвикала раст на цените на енергенсите и дополнителен притисок врз американските домаќинства. Кога советниците го предупредиле дека конфликтот може да ѝ наштети на партијата на изборите, Трамп сметал дека има доволно време за справување со политичките последици.
Во исто време, значителен дел од неговото внимание бил насочен кон проекти во Вашингтон, меѓу кои изградбата на нова балска сала во Белата куќа, реновирањето на Центарот Кенеди и плановите за изградба на триумфална порта. На последниот голем предизборен говор, наместо да се фокусира на економијата и кандидатите на својата партија, речиси еден час зборувал за чистење и обновување на главниот град.
Проблеми предизвикале и неговите избори на кандидати за републиканските номинации. Во Џорџија, Јужна и Северна Каролина и Тексас, Трамп поддржал кандидати за кои сметал дека ќе му бидат лојални, иако други републиканци имале подобри изборни изгледи. Демократите победиле во сите четири држави.
И покрај сè понеповолните прогнози, Трамп во последните денови од кампањата бил убеден дека републиканците ќе постигнат добар резултат. Според соговорник на „Волстрит журнал“, претседателот сметал дека направил сè што можел и дека евентуалниот лош исход не треба да биде негова одговорност.
На крајот, републиканците ја изгубија контролата врз двата дома на Конгресот – Претставничкиот дом и Сенатот.








