Двајца вработени на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се осомничени дека во период од пет години манипулирале со податоците во електронскиот систем за студентски индекси, со што се стекнале со незаконска материјална корист проценета на околу 21.000 евра. За нив е побаран притвор, информираат од Основното јавно обвинителство Штип.
Според обвинителството, осомничените во периодот од 2021 до 2026 година ги злоупотребувале службените овластувања за да внесуваат и менуваат невистинити податоци во системот на универзитетот. Станува збор за раководител на секторот за „е-индекс“ и вработена како референтка за студентски прашања на еден од факултетите.
Полициска акција на УГД: Се истражува дали со пари се купувале оценки и запишувале семестри
Истрагата покажала сомнежи дека референтката, по насоки од првоосомничениот, вршела интервенции во електронската база, преку менување, бришење или прикривање податоци. На тој начин, при обработката и преносот на информациите се добивале невистинити резултати, а осомничените остварувале материјална корист.
Против двајцата е поведена постапка поради сомнение за кривичните дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Компјутерска измама“, за кои се сомничат дека ги сториле како соизвршители.
Јавниот обвинител до судија на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.








