СДСМ поднесе интерпелација за министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, барајќи од него политичка одговорност поради, како што наведуваат, недолично однесување во Собранието, промовирање спротивни геополитички агенди и величење осудени воени злосторници.
Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на денешната прес-конференција соопшти дека меѓу главните причини за интерпелацијата се однесувањето на министерот кон пратениците, како и неговите јавни настапи и активности за кои тврдат дека се спротивни на националните и стратешките интереси на државата.
Трајчулески посочи дека особено загрижувачки се неговите наводни поврзаности со српски разузнавачки структури, активностите поврзани со Русија, како и патувањето во Кина и настапувањето со делегацијата на Српската напредна партија и Александар Вучиќ.
Од СДСМ реагираат и на содржини во кои, според нив, се велича Ратко Младиќ, осуден за геноцид. Трајчулески оцени дека лица кои величаат осудени воени злосторници и ги релативизираат воените злосторства не треба да извршуваат јавни функции.
Како дополнителна причина за интерпелацијата ги наведуваат пцуењето, навредите и заканите кон пратениците на СДСМ во Собранието, меѓу кои и кон Фатмир Битиќи, Арбана Пашоли и самиот Трајчулески. Според опозициската партија, министерот со ваквото однесување го нарушил достоинството на Собранието, а за тоа не презел одговорност ниту се извинил.
„Министер има обврска да одговара пред Собранието и да ја прифаќа парламентарната критика. Кога на поставени прашања и критики возвраќа со закани, тој го погазува достоинството на институцијата и покажува дека не е достоен за функцијата“, рече Трајчулески.
Од СДСМ сметаат дека за останувањето на Стоилковиќ во Владата директна одговорност има премиерот Христијан Мицкоски, кого го обвинуваат дека го поставил, го задржал и политички го штити министерот.








