Илијана Јотова победи во вториот круг од претседателските избори во Бугарија и ќе биде првата жена избрана за претседател на земјата. Таа, заедно со кандидатот за потпретседател Кирил Валчев, освои 57,58 отсто од гласовите, покажуваат податоците на Централната изборна комисија по обработката на 99,95 отсто од избирачките записници.
За нив гласале 1.093.564 граѓани, додека противкандидатите Андреј Ѓуров и Георги Кандев освоиле 39,47 отсто, односно 749.543 гласови. Опцијата „Не поддржувам никого“ ја избрале 2,95 отсто од гласачите.
По објавувањето на резултатите, Јотова им се заблагодари на граѓаните за поддршката, но и на политичките партии и иницијативниот комитет што застанаа зад нејзината кандидатура. Посебна благодарност упати до поранешниот претседател, а сега премиер Румен Радев и неговата политичка групација „Прогресивна Бугарија“.
„Сакам да ѝ се заблагодарам на „Прогресивна Бугарија“, господине Радев, без вас немаше да успееме да го направиме ова“, изјави Јотова.
Таа најави дека ќе работи на надминување на политичките поделби во бугарското општество, нагласувајќи дека нејзината цел е преку дијалог, соработка и координација со институциите да се доаѓа до решенија.
Нејзиниот противкандидат Андреј Ѓуров ѝ ја честитал победата, посакувајќи ѝ да биде претседателка која ќе успее да воспостави дијалог со сите политички и општествени чинители.
Јотова претходно ја извршуваше функцијата потпретседателка на Бугарија, а на 23 јануари годинава ја презеде претседателската должност откако Румен Радев поднесе оставка за да се посвети на парламентарната политичка трка.
Со изборната победа, таа ќе стане седмата претседателка на Бугарија и првата жена која добила мандат за шеф на државата на непосредни избори. Излезноста во вториот круг изнесувала околу 27 отсто.







