Малкумина зад себе оставиле толку разновиден и наградуван опус како Квинси Џонс. Легендарниот суперпродуцент, кој почина од рак на панкреасот кон крајот на 2024 година, на 91-годишна возраст, работеше на култни хитови толку различни како „Thriller“ на Мајкл Џексон и „Fly Me To The Moon“ на Френк Синатра. Помогна и во обликувањето на музиката на бројни ѕвезди, меѓу кои Реј Чарлс, Дона Самер, Мајлс Дејвис, Каунт Бејси и Арета Френклин.
Беше еден од основачите на магазинот „Вајб“, извршен продуцент на големиот телевизиски хит „Принцот од Бел Ер“, диригираше со изведбата на песната „We Are The World“ од 1985 година и доби две номинации за Оскар за музиката што ја компонираше за филмот „Бојата на пурпурот“ на Стивен Спилберг од 1985 година.
„Ако Бог има џубокс, знам чие име стои покрај повеќе песни од кое било друго. Почнува со буквата Q“, изјави Боно, фронтменот на групата „Ју ту“, во интервју за магазинот „JAZZIZ“ во 2008 година. „А со неа и завршува.“
Во најмала рака, Џонс предничи во уште една небесна категорија. Тој е најплатената почината позната личност во 2026 година, откако во март, во рамките на управувањето со неговата оставина, беше продаден најголемиот дел од сопственичките удели во претходно споменатите средства, како и правата врз неговиот личен музички каталог и музичките издавачки права што ги поседуваше како изведувач на хитови, меѓу кои и „Soul Bossa Nova“.
Купувач беше компанијата „HarbourView Equity Partners“, која управува со музички каталози и зад која стојат фондови за приватен капитал. „Форбс“ проценува дека вредноста на трансакцијата изнесувала околу 150 милиони долари.
Мајкл Џексон го загуби тронот
Ова е 26-та година во која „Форбс“ ги следи огромните приходи што познатите личности ги остваруваат по смртта. А ова е само четврти пат, по смртта на Мајкл Џексон во 2009 година, на првото место да се најде некој друг.
Во сите четири случаи тоа се должело на значителна продажба на имот. Другите три личности што го зазедоа првото место беа Елизабет Тејлор во 2012 година, Роалд Дал во 2021 година и Џ. Р. Р. Толкин во 2022 година.
Иронично, продуцентските тантиеми на Џонс од 10 отсто од првите три соло-албуми на Мајкл Џексон — „Off The Wall“, „Thriller“ и „Bad“ – придонесоа за зголемување на продажната вредност на имотот од неговата оставина. На овие албуми отпаѓаат повеќе од две третини од вкупниот број стримувања на музиката на Џексон на глобално ниво во текот на годината.
Сепак, и оставината на Мајкл Џексон имаше исклучително успешна година. Според процените, од неа биле вложени 25 милиони долари сопствени средства за дополнителни снимања на сцени за биографскиот филм „Мајкл“, чие производство беше проследено со проблеми. Беше остварена голема заработка кога филмот на крајот надмина една милијарда долари приходи од светските киноблагајни. „Форбс“ проценува дека во следните неколку години оставината ќе оствари повеќе од 50 милиони долари добивка врз основа на договореното учество во профитот од филмот.

Успехот на филмот во кината позитивно влијаеше и врз целокупното деловно портфолио на оставината на Џексон. Тоа ги опфаќа стримувањето музика, претставата на „Цирк ди Солеј“ во Лас Вегас, неколку продукции на мјузиклот „MJ: The Musical“ низ светот и работењето поврзано со лиценцирањето на брендот. Сите овие активности заедно донесоа 140 милиони долари во претходните 12 месеци.
Елвис и Доли
Токму ваквиот систем на меѓусебно поврзани бизниси, кои заемно се поттикнуваат, им овозможи заработка и на неколку други легенди од оваа листа. Меѓу нив се Елвис Присли и Доли Партон. И двајцата имаат туристички дестинации — „Грејсленд“ и „Доливуд“. Тие се централни јадра на деловните империи изградени околу нивното наследство, покрај бројните други начини за ширење и комерцијализација на брендот.
Сепак, затворањето на претставата за покојниот Боб Марли во хотелот „Мандалеј Беј“ во Лас Вегас во јануари и неуспехот на филмот за Брус Спрингстин, „Springsteen: Deliver Me From Nowhere“, на киноблагајните минатиот октомври потсетуваат на лекцијата што многу продуценти ја научија последниве години: успехот никогаш не е загарантиран, дури ни кога станува збор за најголемите ѕвезди.
Цела низа нови проекти ќе бидат тест за ова тврдење. Меѓу нив е најновиот филм за Мачорот со шапка, заснован врз делото на д-р Сус, кој пристигнува во кината следниот викенд. Тука е и бродвејската претстава за Доли Партон, чија премиера е најавена за декември. За 2027 година е планирано концертно шоу со холограм на Елвис Присли, додека очекувањата веќе растат во пресрет на четирите филма за „Битлси“, чие прикажување е предвидено за 2028 година.
Јасно е дека во време на сè поконкурентен и попребирлив пазар на содржини, највредното нешто што некој може да го поседува е вредна интелектуална сопственост. А кога станува збор за овие 13 починати легенди, се покажало дека нивните лични брендови траат вечно.







