Прекумерниот обем на работа, кратките рокови, лошата комуникација со претпоставените, несигурноста за работното место и недостигот од можност вработените да влијаат врз одлуките се дел од проблемите што можат сериозно да го нарушат нивното ментално здравје. Овие ризици сè почесто се препознаваат како дел од безбедноста и здравјето при работа, заедно со физичките опасности и условите во кои се извршуваат работните задачи.
Според податоците на Европската агенција за безбедност и здравје при работа, 45 отсто од работниците во Европската Унија пријавуваат изложеност на ризици за нивната ментална добросостојба на работното место. Дополнително, 29 отсто велат дека доживеале стрес, анксиозност или депресија предизвикани или влошени од работата.
Иако овие бројки не се однесуваат на Македонија, тие укажуваат на поширок проблем со кој се соочуваат работниците – работната средина може да влијае врз здравјето не само преку физички услови, туку и преку начинот на кој е организирана работата, односите со колегите и раководството и притисокот што го носат секојдневните обврски.
Токму менталното здравје и психосоцијалните ризици се во фокусот на годинешната Европска недела за безбедност и здравје при работа, која се одбележува под мотото „Заедно за менталното здравје при работа“. Кампањата повикува на навремено препознавање на проблемите како прекумерното оптоварување, недоволната контрола врз работните задачи, вознемирувањето и исклученоста на вработените од процесите на одлучување.
Од Меѓународната организација на трудот посочуваат дека психосоцијалните опасности треба да се идентификуваат и да се третираат подеднакво сериозно како физичките, хемиските и биолошките ризици. За тоа, според директорката на Канцеларијата на МОТ за Централна и Источна Европа, Клер Харасти, потребни се активност од работодавачите, учество на работниците и функционален социјален дијалог.
Претседателката на Советот за безбедност и здравје при работа, Јасмина Чалоска, нагласи дека грижата за вработените не треба да се сведува на формално исполнување на законските обврски, туку да биде дел од секојдневната организација на работата. Таа посочи дека превенцијата подразбира препознавање на ризиците, подобра комуникација и активно учество на работниците.
На одбележувањето беа доделени и националните награди за добра практика во безбедноста и здравјето при работа за 2026 година. Годинава ги добија компаниите „ARC Automotive“ и „Лутхман Бацклунд Фоодс Продукција“ од Битола, за активности насочени кон подобрување на условите и заштитата на вработените.
Настанот го организираше Советот за безбедност и здравје при работа, со поддршка на Меѓународната организација на трудот и Европската Унија, во рамките на проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“, кој се спроведува од 2025 до 2028 година. Проектот предвидува подобрување на законската рамка, модернизација на трудовата инспекција и развој на систем за евиденција и анализа на повредите и професионалните заболувања.







