Вкупно 187 јавни обвинители денеска избираат нов раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Изборот се спроведува со тајно и непосредно гласање, а петмина кандидати се во трка за функцијата.
Кандидати за нов шеф на Обвинителството се Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски.
Гласањето се одвива од 8 до 16 часот, по што резултатите треба да бидат сумирани на јавна седница. Постапката ја спроведува комисија формирана од Советот на јавните обвинители, во состав Ермон Незири, Светлана Стојковиќ и Кети Петкова.
Кандидатите претходно ги презентираа своите програми пред Советот на јавните обвинители, при што како главни приоритети ги посочија зајакнувањето на истражните капацитети, поефикасното откривање и гонење на организираниот криминал и корупцијата, како и поинтензивното спроведување финансиски истраги, особено во случаите поврзани со перење пари.
Меѓу најавените мерки се и подобрувањето на кадровската екипираност, дигитализацијата на работата и унапредувањето на соработката со другите институции надлежни за откривање и санкционирање на криминалот. Кандидатите ја истакнаа и потребата од поголема независност и ефикасност на Обвинителството.
Изборот се спроведува поради истекувањето на мандатот на актуелниот раководител Ислам Абази, кој беше избран во октомври 2022 година. Огласот за избор на негов наследник беше објавен на 21 август годинава.







