Предлог-законот за трансформација на договорните ангажмани во редовен работен однос на неопределено време, кој денеска беше претставен во Собранието, нема да ги опфати сите институции во јавниот сектор. Од можноста за трансформација се изземени училиштата, факултетите, Министерството за внатрешни работи, безбедносните институции и акционерските друштва.
Предлог-законот го претстави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кој посочи дека со него се предлага системско решавање на долгогодишниот проблем со лицата кои со години работат во институциите, но формално остануваат привремено ангажирани.
„Нашата цел е едноставна: луѓето кои со години чесно работат и придонесуваат за институциите да добијат правна сигурност, достоинство и права кои произлегуваат од редовниот работен однос“, рече Стојаноски.
Според предложеното законско решение, можност за трансформација ќе имаат лицата ангажирани со договори на определено време, договори на дело, авторски договори, преку агенции за привремени вработувања и други договори за извршување работа, во институциите опфатени со законот.
Меѓу нив се органите на државната власт, одредени јавни установи од областа на здравството, културата, детската и социјалната заштита, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, заводите и фондовите.
Сепак, од опфатот се изземени основните и средните училишта, ученичките и студентските домови, високообразовните и научните установи, како и акционерските друштва. Законот нема да важи ниту за воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата при Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Бирото за јавна безбедност, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Управата за финансиска полиција и Управата за финансиско разузнавање.
Стојаноски образложи дека досегашната практика создавала состојба во која лица извршувале редовни и континуирани работни задачи, но немале сигурност на работното место и сите права што произлегуваат од редовниот работен однос.
„И ова не е само административно прашање. Ова е прашање на човечко достоинство“, рече тој.
Со предлог-законот се утврдуваат и конкретни рокови за спроведување на трансформацијата, заштита на лицата додека трае постапката, правила за идните ангажирања и финансиска контрола на целиот процес.
Стојаноски порача дека целта е договорните ангажмани да не бидат трајна замена за редовното вработување.







