Бројот на деца жртви на кривични дела е зголемен за 118 проценти во судовите, додека бројот на деца сторители на прекршоци пораснал за 54 проценти во споредба со претходната година. Истовремено, институционалната заштита на децата и натаму се соочува со сериозни недостатоци, покажува Годишниот извештај на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за децата за 2025 година.
Според податоците во извештајот, Министерството за внатрешни работи евидентирало 694 деца жртви на кривични дела, јавните обвинителства 629, судовите 404, а центрите за социјална работа 334 деца. Најголем пораст во однос на 2024 година е забележан токму во судовите, каде бројот на евидентирани деца жртви е повеќе од двојно зголемен.
Загрижувачки е и порастот на бројот на деца сторители на прекршоци, кој во 2025 година бил за 54 проценти повисок во споредба со претходната година. Сепак, овој број останува за 31 процент понизок во однос на 2023 година.
Во текот на минатата година до основните јавни обвинителства биле поднесени кривични пријави против 1.132 деца. За 384 деца, односно 34 проценти од пријавените, биле поднесени предлози за примена на санкција. Барања за поведување подготвителна постапка биле поднесени против 290 деца, од кои 272 момчиња и 18 девојчиња.
Во 2025 година притвор бил определен за 14 деца, што е повеќе од двојно во споредба со 2024 година, кога оваа мерка била изречена за шест деца. Казна затвор добиле четири деца, додека за 23 биле изречени заводски воспитни мерки. Од нив, 11 биле упатени во воспитна установа, а 12 во воспитно-поправен дом.
Само три полициски станици имаат посебни простории за разговор со деца
Извештајот укажува и на сериозни слабости во постапувањето на полицијата со децата. На територијата на целата држава постојат само три специјално опремени простории за разговор со деца во полициските станици. Во текот на 2025 година во нив биле сослушани само 16 деца, односно 1,2 проценти од сите повикани.
Проблематично е и остварувањето на правото на правна одбрана. Само 49 проценти од децата повикани во полиција го оствариле правото на бранител. Иако ова претставува подобрување во однос на 2024 година, кога процентот изнесувал 32 проценти, повеќе од половина од децата не го оствариле ова право.
Недоволна е и примената на алтернативните начини за решавање на постапките. Во текот на годината медијацијата успешно завршила кај само едно дете, додека јавните обвинителства воопшто не упатиле деца на медијација. Државниот совет предупредува дека недоволната примена на алтернативните мерки и ресторативната правда може да придонесе за секундарна виктимизација на децата.
Само четири општини доставиле извештаи за превенција на детското престапништво
Слабости се забележуваат и во превенцијата на локално ниво. Од вкупно 80 општини, само 25 доставиле информации за формирањето и работата на општинските совети за превенција на детско престапништво. Уште позагрижувачки е податокот дека само четири општини – Тетово, Охрид, Куманово и Пехчево – ја исполниле законската обврска за доставување годишен извештај за својата работа.
Според Државниот совет, голем дел од општините воопшто немаат формирано вакви совети, додека дел од постојните не функционираат.
Како дополнителен проблем се посочува и неусогласената евиденција меѓу институциите, поради што се наметнува потребата од воспоставување единствен и поефикасен систем за следење на состојбата со децата жртви, децата во ризик и децата во судир со законот.
Податоците од извештајот укажуваат дека, покрај растот на бројот на евидентирани деца жртви и деца сторители на прекршоци, остануваат сериозни празнини во институционалниот одговор, од полициското постапување и правната заштита до локалната превенција.







