Американските сили на Блискиот Исток се подготвени да започнат нови, потенцијално големи воени операции против Иран во рок од 96 часа доколку претседателот Доналд Трамп издаде наредба за напад. Двајца американски функционери за Си-Ен-Ен изјавиле дека во регионот веќе се распоредени доволно воени сили за да се спроведат операциите.
Според информациите на Си-Ен-Ен, новите напади би можеле да бидат значително пообемни од претходните американски акции, кои главно биле насочени кон уништување на ирански радари, лансери и друга воена опрема. Во новите планови на Централната команда на американската војска (CENTCOM) и Пентагон се вклучени цели поврзани со иранската енергетска инфраструктура, воени локации и нуклеарни постројки.
„Тоа ќе биде сериозна операција“, изјавил еден од американските функционери за Си-Ен-Ен. Некои сегашни и поранешни претставници запознаени со военото планирање сметаат дека прашањето не е дали Трамп ќе нареди напад, туку кога тоа ќе се случи. Според нивните проценки, операцијата би можела да биде наредена до крајот на годината, но поверојатно е тоа да се случи по среднорочните избори во САД.
Конечна одлука сè уште нема, а Белата куќа одбила да ги коментира информациите. Од Пентагон за Си-Ен-Ен изјавиле дека нивна задача е да ги подготвуваат и спроведуваат воените опции што ќе ги нареди претседателот.
Се очекува ирански одговор, САД повлекуваат дел од персоналот
Американските разузнавачки проценки покажуваат дека Иран и јеменските Хути сериозно ја разгледуваат можноста за нови напади од САД, а потенцијално и од Израел. Во случај на таква операција, Техеран и Хутите би можеле веднаш да возвратат со напади врз американскиот персонал и објекти во регионот, но и пошироко.
Според проценките, Иран и Хутите во моментов најверојатно нема да започнат превентивни напади, но би одговориле доколку американските или израелските сили нападнат први.
Поради зголемениот безбедносен ризик, САД се очекува во наредните денови да продолжат со повлекување на дел од персоналот од амбасадите на Блискиот Исток. Засега, амбасадата во Ријад е единствената дипломатска мисија во регионот за која е издадена наредба за евакуација, но според извори на Си-Ен-Ен, слични инструкции би можеле да следуваат и за други локации.
Дополнително, на дел од американскиот воен персонал кој требало да биде распореден во регионот му било кажано да не патува.
Во меѓувреме, командантот на Централната команда на САД, адмиралот Бред Купер, го посетил Ормутскиот теснец, каде што американската војска одржува блокада на иранските пристаништа и учествува во обезбедувањето на поморскиот сообраќај. Купер се сретнал со војниците ангажирани во расчистувањето на теснецот од ирански мини.
Безбедносната ситуација во овој стратешки важен поморски премин влијае и врз светските пазари на нафта. И покрај тоа што низ теснецот повторно минуваат повеќе танкери, цените остануваат високи поради стравувањата од нови ирански напади.
Нетанјаху бара нови напади, Трамп засега не одобрил заедничка операција
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистира на нови напади врз Иран, но американските претставници го повикуваат да почека додека администрацијата на Трамп не биде подготвена за заедничка воена операција.
Според израелски безбедносен извор за Си-Ен-Ен, Нетанјаху се обидел да го убеди Трамп да одобри заеднички напад уште пред изборите, но американскиот претседател не се согласил. Кабинетот на Нетанјаху ги отфрлил овие тврдења, нарекувајќи ги „лажни вести“.
Една од причините за одложувањето, според американски и израелски извори, е загриженоста дека нова воена операција би можела да има последици и врз внатрешната политичка ситуација во Израел. Дополнителен проблем е и состојбата со израелската воздушна одбрана, чии резерви на ракети биле значително намалени за време на претходните судири.
Во Израел имало и несогласувања околу можноста за нов напад. Според израелскиот Канал 12, началникот на Генералштабот на израелската армија, Ејал Замир, побарал дополнителни консултации и правни одобренија пред евентуално спроведување на операцијата, поради ризикот од погрешна проценка и поширок конфликт. Израелскиот министер за одбрана Израел Кац ги отфрлил овие информации.
Во меѓувреме, американските разузнавачки проценки укажуваат дека Израел сè уште нема јасно дефинирана стратешка цел за новите напади, освен дополнително ослабување на иранскиот режим. Нетанјаху, пак, јавно изјавил дека целта на израелските безбедносни служби е соборување на режимот во Иран.







