Вода протекува низ ѕидовите во реновираниот студентски дом „Стив Наумов“, а студентите се соочуваат и со проблеми со греењето, снабдувањето со вода и електрична енергија, обвинија од политичката партија Левица.
Од партијата велат дека до нив пристигнале информации за повеќе проблеми во домот, иако студентите се вселиле пред помалку од еден месец. Според нивните наводи, во домот нема парно, од чешмите тече каллива вода, делови од објектот повремено остануваат без струја, интернетот е слаб, а веќе имало и пукање на цевки. Студентите, според Левица, се жалат и на квалитетот на храната.
„Врвните европски стандарди“ на Јаневска веќе се распаѓаат пред очите на студентите. Ова е сликата на која Владата треба да одговори – не свечените отворања и церемонијалните прес-конференции, туку водата што им тече низ ѕидовите на студентите во нивниот нов дом“, реагираат од партијата.
Од Левица посочуваат дека за реконструкцијата на студентскиот дом биле издвоени околу 10 милиони евра, а работите траеле повеќе од две години. Според нив, и покрај долгогодишните најави и промоцијата на проектот како подобрување на студентскиот стандард, проблемите се појавиле набргу по вселувањето.
Партијата оценува дека условите во домот се показател за негрижата кон студентите и бара итно отстранување на сите недостатоци.
Левица бара и да се утврди одговорност за квалитетот на изведената реконструкција, спроведениот надзор и начинот на кој се потрошени јавните средства.







