Министерот за здравсто, Сашо Клековски смета дека бегството на Ива Михајлова е поврзано со најавеното доаѓање на бугарски медицински конзилиум во Македонија, кој требало заедно со македонските лекари да ги провери нејзините здравствени наводи.
„Бегството е поради доаѓањето на бугарскиот конзилиум, тука. Тој требаше заедно со македонските лекари да ги провери наводите на лицето. Мислам дека тогаш ќе излезеа работите на виделина. Јас патувам во Софија, ќе разговарам секако со нивното Министерство за тоа, бидејќи во основа таму нема здравствен случај“, изјави Клековски по денешната посета на Клиничката болница во Штип.
Михајлова во понеделникот избега во Бугарија, а против неа се води судска постапка во Основниот суд во Кочани, во врска со сообраќајна несреќа со смртни последици. Во текот на судскиот процес таа се пожали на дискриминација поради нејзиното двојно, македонско и бугарско државјанство, тврдејќи дека не ѝ било дозволено да се лекува во соседна Бугарија.
Министерството за внатрешни работи синоќа распиша меѓународна потерница по Ива Михајлова. Потерница има и за нејзиниот татко, Симеон Михајлов, кој исто така се наоѓа во Бугарија, откако беше осуден на 12,5 години затвор во случајот „Детонатор“.
Ива Михајлова стигнала во Бугарија со судска забрана и без граничен запис








