На зелениот пазар во скопската населба Ченто се запленети околу два тони небезбедна храна, поради нехигиенски услови и продажба надвор од местата предвидени за таа намена, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Акцијата, како што информираше АХВ е спроведена во соработка со Комуналната инспекција на Град Скопје и Државниот пазарен инспекторат, во рамки на вонредна инспекциска контрола.
При проверките било утврдено дека различни видови храна се продавале на несоодветни места и во нехигиенски услови, што претставува ризик за безбедноста на производите и здравјето на потрошувачите.
Запленетата храна е отстранета од промет. Од АХВ информираат дека и во наредниот период ќе продолжат засилените инспекциски контроли, самостојно и во соработка со другите надлежни институции.
Агенцијата апелира до сите оператори со храна да ги почитуваат законските обврски и да обезбедат соодветни хигиенски услови при ракувањето, складирањето и продажбата на производите.








