Во Данска е откриен сериозен безбедносен инцидент при кој неовластени лица пристапиле до личните податоци на околу 8,8 милиони регистрирани лица во Централниот регистар на населението.
Изложени биле имиња, адреси и матични броеви, односно CPR броеви, кои во Данска се користат за идентификација на граѓаните. Бројката од 8,8 милиони ги опфаќа не само лицата што моментално живеат во земјата, туку и починати лица и граѓани кои се иселиле во странство.
Според досегашните сознанија, не станува збор за директно пробивање на самиот систем, туку за злоупотреба на легитимниот пристап што го имала една приватна данска компанија. Неовластени лица го искористиле тој пристап за автоматизирано пребарување и прибирање на голем број податоци од регистарот.
Данските власти соопштија дека пристапот на компанијата веднаш бил прекинат, а случајот е пријавен до Агенцијата за заштита на личните податоци. Полицијата, заедно со надлежните институции, започнала истрага за да се утврди како дошло до злоупотребата и кој стои зад неа. Засега нема информации за сторителите.
Првичната истрага покажала дека лицата кои имале заштита на името и адресата во регистарот не биле опфатени со неовластениот пристап до тие податоци.
Данските власти предупредија дека граѓаните треба да бидат особено внимателни во наредниот период, бидејќи украдените лични податоци би можеле да бидат злоупотребени за измами и кражба на идентитет. Особено се апелира да не се споделуваат лозинки или други доверливи информации доколку некој се обиде да стапи во контакт повикувајќи се на име, адреса или CPR број.
Централниот регистар содржи податоци за околу 11 милиони регистрирани лица, вклучувајќи и живи граѓани, починати лица и лица кои се преселиле во странство.
Министерката за дигитализација Кристина Егелунд оцени дека станува збор за исклучително сериозен инцидент и најави темелна безбедносна проверка на целиот систем. Надлежните институции дополнително ги анализираат околностите и преземаат мерки за да се спречи повторување на ваков случај.








