Премиерот Христијан Мицкоски вели дека иако средбата со претседателкта на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен била пријателска и корисна, тој не е задоволен од пораките поврзани со задолжителното спроведување на уставните измени како услов за напредок.
Според Мицкоски, актуелната Влада наследила тешка состојба од претходните политички структури предводени од СДСМ и ДУИ, кои ги обвини за распродажба на националните интереси. Сепак, тој го истакна позитивниот момент од европските оценки дека земјата остварува најдобри реформи во регионот и најави дека во текот на ноември ќе оствари разговори во Брисел со еврокомесарката за проширување и на регионалниот самит помеѓу Европската Унија и Западниот Балкан
„Таа јасно кажа дека стои на маса промената на Уставот, работа што е прифатена од претходната Влада и коалиција на СДСМ и ДУИ кои во отстуство на креативност и идеи за надминување на оваа состојба и единство со Владата се обидува преку лаги и измислици да испраќа пораки дека ние ќе сме ја променеле преговарачката рамка. Еве како што гледаат стигнавме до разговори. Порано нешто што не беше возможно еве се случи, разговараме. И уште многу работи ќе направиме што тие не можат ни во најдобриот сон да го замислат. Само треба време, ќе се случи се“, изјави Мицкоски.
Посочи дека тоа што го кажала Фон дер Лајен во однос на реформите создава чувство на охрабрување особено пораката дека личниот ангажман на Владата и испораките се нешто што преставува најдобро во регионот.
„Постепената интеграција е исто така шанса за нас. Сето ова не охрабрува и не мотивира да продолжиме по патот на реформите што следи“, рече премиерот.
Во однос на најавената билатерална средба со бугарската страна, на новинарско прашање дали има повратна информација и што очекува од средбата, како и што би се случило доколку таа биде одбиена, Мицкоски рече дека во таков случај „уште еднаш ќе се потврдат сите оние тези коишто ние ги имаме и за што сме загрижени“, но додаде дека не го очекува тоа.
„Не очекувам, не би било паметно да одбијат, но во ред, тоа е нивна суверена одлука, не е тоа наша одлука. Јас добив, би рекол, конструктивен совет од страна на претседателката, да го замолам министерот за надворешни работи и надворешна трговија да побара средба на маргините на состанокот повод Коридорот 8. Јас тоа го сторив, бидејќи ценам дека претседателката апсолутно беше во право кога го предложи тоа. Министерот побара, сега останува на нашиот источен сосед да одлучи што понатаму“, рече Мицкоски.
СДСМ: Што сега ќе каже Мицкоски кога и Фон дер Лајен го кажа истото за јазикот и идентитетот
СДСМ бара премиерот Христијан Мицкоски да соопшти како Владата планира да го деблокира европскиот пат на Македонија.
„Македонскиот јазик, култура и идентитет се заштитени со Преспанскиот договор, не се загрозени, туку се добредојдени во ЕУ. Сите лаги на Мицкоски се на виделина“, рече Кузеска.
Од СДСМ го обвинија Мицкоски дека пред доаѓањето на власт ветувал враќање на името, укинување на Преспанскиот договор, подобра преговарачка позиција и промена на Преговарачката рамка, а сега, според опозициската партија, неговите ставови се променети.
„Нас нè обвинуваше за предавство, граѓаните ги лажеше за загрозен идентитет. Сега и Фон дер Лајен, пред камери, пред арамијата Мицкоски рече: ве чекаме со македонскиот идентитет и јазик“, рече Кузеска.
Фон дер Лајен при посетата на Скопје порача дека Македонија припаѓа на масата на Европската Унија и дека ЕУ ја пречекува земјата со нејзиниот идентитет и јазик. Таа оцени и дека македонската култура и јазик можат да ја збогатат Унијата.








