Во Хаг денеска се очекува да биде објавена првостепената пресуда во еден од најзначајните судски процеси поврзани со војната во Косово – предметот против поранешниот косовски претседател и политички лидер на ОВК, Хашим Тачи, како и поранешните команданти Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи. Пресудата е закажана за 16 септември во 10 часот, а изрекувањето ќе биде јавно.
Четворицата се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото, меѓу кои прогон, затворање, тортура, убиства, присилни исчезнувања и други нехумани постапки. Според обвинението, наводните злосторства биле извршени од март 1998 до септември 1999 година на повеќе локации во Косово, како и во северниот дел на Албанија. Обвинителството тврди дека жртви биле стотици цивили и лица кои не учествувале во борбите.
Процесот започна во април 2023 година, а доказната постапка беше затворена во декември 2025 година. Во текот на судењето сведочеле 134 лица, додека во постапката учествуваат 156 жртви. Завршните зборови беа дадени во февруари годинава.
Обвинителството побара затворски казни од по 45 години за Тачи и за тројцата поранешни команданти. Одбраната, пак, ги отфрла обвиненијата, а Тачи и останатите обвинети негираат дека се виновни. Според нивните адвокати, обвинението не е поткрепено со доволно докази.
Одлуката се очекува со големо внимание во Косово, каде Тачи и останатите обвинети и понатаму имаат значајна поддршка. Во Приштина неодамна илјадници граѓани излегоа на протест во нивна поддршка, додека косовските власти презедоа дополнителни безбедносни мерки поради можноста од масовни собири по објавувањето на пресудата.
Хашкиот процес има и поширока регионална тежина. Во Србија пресудата се следи поради прашањето за одговорноста за злосторствата извршени за време на конфликтот, додека во Косово постапката со години предизвикува поделени реакции. Судот беше формиран во 2015 година како Специјализирани совети на Косово, со седиште во Хаг и со меѓународни судии и обвинители.
Тачи, кој по војната стана еден од клучните политички лидери на Косово, беше премиер, а потоа и претседател на земјата. Тој поднесе оставка во 2020 година за да се соочи со обвиненијата во Хаг.
Пресудата што денеска ќе ја објави судскиот совет е првостепена, што значи дека страните имаат можност да ги користат предвидените правни лекови.







