Францускиот претседател Емануел Макрон во четвртокот ја повика Европа да развие сопствен капацитет за летови со астронаути во рок од една деценија, како дел од пошироките напори за зајакнување на европскиот вселенски сектор.
Макрон го упати повикот за време на меѓународниот самит за вселената што оваа недела се одржува во Париз, во организација на Франција и Германија, а на кој и покрај поканата не присуствуваа неколку американски компании, меѓу кои и „СпејсХ“ и „Блу Ориџин“.
„Сакаме Европа да ја потврди својата амбиција во областа на летовите со астронаути“, изјави тој.
„Нашата европска вселенска програма и понатаму е ранлива и мора да ги засилиме нашите напори.“
Неговиот повик следува по апелот на генералниот директор на Европската вселенска агенција (ЕСА), Јозеф Ашбахер, кој доцна во средата, на затворена средба со министри и високи претставници, побара повеќе средства за развој на независен европски вселенски сектор.
„Дали ќе бидеме патници или пилоти?“, праша Ашбахер во говорот чија копија била доставена до АФП.
Тој посочи на брзиот развој на вселенските технологии ширум светот, од развојот на сателити до истражувањето на Месечината и Марс.
„Во овој нов контекст, Европа мора да се позиционира како незаменлив партнер, со сопствени капацитети“, нагласи Ашбахер.
Европа се стреми кон поголема независност во Вселената
Во последните години Европа постојано бара поголема независност во вселенскиот сектор, но досега никогаш нема испратено сопствена мисија со астронаути, туку се потпираше на ракетите и капсулите на Русија и Соединетите Американски Држави.
Францускиот претседател во четвртокот претстави серија цели што сака Европа да ги постигне во текот на следната деценија.
„За две години сакам да ја видам првата европска товарна капсула ‘Никс’ како се приклучува на Меѓународната вселенска станица; за пет години првиот европски лунарен лендер ‘Аргонаут’ да слета на површината на Месечината“, рече Макрон.
„А за десет години првата европска капсула со екипаж да полета од Куру со европски астронаути и астронаути од други земји на бродот“, додаде тој, мислејќи на европскиот космодром во Француска Гвајана.








