Европската комесарка за проширување Марта Кос порача дека Србија се наоѓа на пресвртница и дека Европската Унија ќе мора да процени дали Белград и натаму искрено е посветен на европскиот пат.
Кос во интервју за германскиот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ оцени дека процесот на пристапување не подразбира само усогласување со европските правила, туку и соочување со минатото, вистинско помирување, владеење на правото и јасна стратешка ориентација.
„Мораме да провериме до кој степен Србија и понатаму е искрена во својот европски пат“, порача Кос.
Таа најави дека за ова прашање прво ќе разговара со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Извештајот за подготвеноста на ЕУ за прием на нови членки треба да биде завршен до крајот на септември, по што може да послужи како основа за дискусија во Советот на ЕУ во октомври.
Кос ја поврза својата порака и со неодамнешното оддавање државни почести на погребот на Ратко Младиќ во Белград. Таа го осуди величањето на осуден воен злосторник и нагласи дека соочувањето со минатото е една од најтешките теми на Западен Балкан.
„Одговорност на политичките елити е да ги залечат раните од минатото, наместо повторно да ставаат сол врз нив“, рече Кос.
Европската комесарка сепак нагласи дека е подготвена да направи сè што е можно Србија да остане на европскиот пат, но дека тоа во голема мера зависи од самата Србија – и од политичарите и од граѓаните.
Кос истовремено најави дека ЕУ сака постепено да ги интегрира кандидатите и пред полноправното членство, особено во стратешки области како енергетиката, транспортот и критичните суровини.
Србија во пристапниот процес се соочува со повеќе отворени прашања, меѓу кои владеењето на правото, усогласувањето со надворешната политика на ЕУ и нормализацијата на односите со Косово.







