Американскиот претседател Доналд Трамп очекува војната со Иран да продолжи до ноемвриските избори за Конгресот, но тврди дека конфликтот ќе заврши веднаш по гласањето. Со тоа, Трамп за првпат даде временска рамка која е значително подолга од неговите претходни најави за брзо завршување на воената операција.
Трамп изјави дека Иран се обидува да влијае врз исходот на изборите и дека Техеран нема да може долго да го издржи притисокот од американските воени и економски мерки.
„Мислам дека војната ќе заврши веднаш по изборите“, порача Трамп, оценувајќи дека Иран се обидува да влијае врз гласањето во САД.
Но, неговата проценка доаѓа во момент кога конфликтот влегува во сè посериозна и подолготрајна фаза. Во последните денови дојде до нова ескалација во регионот, со напади врз пловила во близина на Ормускиот теснец, американски удари врз ирански танкери и нови ирански напади врз цели поврзани со американското воено присуство.
Нова ескалација меѓу САД и Иран: Танкери во пламен, ракети врз Јордан, нафтата над 100 долари
Продолжувањето на конфликтот веќе има директни последици врз американската економија. Цената на нафтата „брент“ повторно ја надмина границата од 100 долари за барел, додека повисоките цени на горивата создаваат дополнителен притисок врз американските потрошувачи и инфлацијата.
Токму економскиот ефект може да биде еден од најголемите политички проблеми за Трамп пред изборите. Републиканците се борат да го задржат своето мнозинство во Конгресот, а поскапувањето на бензинот и останатите енергенси може да стане значајна изборна тема.
Дополнителен знак дека конфликтот можеби нема да заврши толку брзо е тоа што советници на Трамп, според американски медиуми, приватно предупредуваат дека борбите би можеле да продолжат и многу подолго – потенцијално и до крајот на неговиот мандат во јануари 2029 година.
Трамп, сепак, останува оптимист дека Иран на крајот ќе биде принуден да попушти. Тој истовремено повторно предупреди дека САД би можеле да извршат напад врз „Пикекс Маунтин“, силно утврден комплекс поврзан со иранската нуклеарна програма, во близина на оштетениот објект кај Натанц.
Така, конфликтот со Иран станува сè поголем политички ризик за Белата куќа. Наместо војната да заврши пред изборите, како што претходно се очекуваше во дел од изјавите на администрацијата, Трамп сега признава дека таа би можела да трае до самиот изборен ден.
На 3 ноември американските гласачи ќе одлучуваат за составот на Конгресот. Дотогаш, Трамп ќе мора да се справува не само со воената криза на Блискиот Исток, туку и со нејзините последици врз цените на горивата, инфлацијата и расположението на американските гласачи.










