Општина Кичево во следните 15 години треба да му исплаќа на приватен партнер околу 34.000 евра месечно за модернизација и одржување на јавното осветлување. Во исто време, општината плаќала месечни претплати за 37 телефонски броеви кои биле целосно неактивни, а за рекреативен парк во селото Зајас ревизорите утврдиле дека е во запуштена состојба, со оштетена опрема и без зеленило.
Ова се дел од наодите во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работењето на Општина Кичево во 2024 година. Покрај овие случаи, ревизорите посочуваат слабости во наплатата на општинските приходи, неправилности при реализацијата на капиталните инвестиции и недостатоци во постапките за јавни набавки.
Договор за осветлување од 6,1 милион евра со обврски во следните 15 години
Јавно-приватното партнерство за модернизација на јавното осветлување е едно од клучните прашања во ревизорскиот извештај. Вкупната вредност на договорот изнесува 376,5 милиони денари со ДДВ, односно околу 6,1 милион евра.
Проектот предвидува замена на 6.500 постојни светилки со енергетски ефикасни ЛЕД-светилки, поставување дополнителни 1.000 светилки, инсталирање контролери во 234 ормари и одржување на системот за јавно осветлување.
За оваа услуга, Општина Кичево треба да му исплаќа на приватниот партнер по 2,092 милиони денари месечно, односно околу 34.000 евра, во период од 15 години. Договорот предвидува вкупно 180 месечни исплати.
ДЗР утврдил значајни отстапувања во сите фази од постапката, вклучително и недостиг од целосна подготвителна документација и слабости во реализацијата на договорот.
Според ревизорите, поради финансиската вредност на договорот и долгорочните обврски што ги презема општината, партнерството претставува прашање од висок ризик за општинскиот буџет и создава финансиски и правни ризици во текот на целиот период на неговата реализација.
Платени претплати за 37 неактивни телефонски броеви
Ревизорите утврдиле неправилности и во користењето мобилна телефонија во општината.
Договорот, склучен во декември 2023 година со времетраење од две години, е во вкупна вредност од 3,304 милиони денари и опфаќа најмалку 100 телефонски броеви, како и субвенции за набавка на електронски уреди во минимален износ од 2,05 милиони денари со ДДВ.
За телефонските броеви немало поткрепувачка документација со која се потврдува дека биле распределени на конкретни вработени. Од вкупно 100 броеви, 37 биле целосно неактивни, иако за нив се плаќале претплати од 52.000 денари месечно, односно 624.000 денари годишно.
Случајот е меѓу неправилностите што ДЗР ги посочува во користењето на средствата на општината.
Паркот во Зајас е запуштен, дел од опремата е оштетена
Ревизорите утврдиле неправилности и кај проектот за изградба на рекреативен парк во селото Зајас, со вкупна договорена вредност од 29,99 милиони денари со ДДВ.
Проектот опфаќал градежни, хортикултурни, хидротехнички и електроинсталациски работи. Сепак, за неговата реализација било издадено одобрение за поставување урбана опрема наместо одобрение за градење.
При теренскиот увид било констатирано дека паркот е во влошена и запуштена состојба и дека фактичката состојба отстапува од договорените работи.
Дел од опремата била оштетена и нефункционална, немало зеленило, чешмите не одговарале на предвидените спецификации, а просторот бил без соодветно одржување.
Поради разликите меѓу договореното и состојбата на терен, ревизорите не можеле да се уверат дека исплатените средства целосно одговараат на реално изведените работи. Според ДЗР, ваквата состојба влијае врз квалитетот и функционалноста на инвестицијата и ја доведува во прашање целта на проектот и наменското трошење на буџетските средства.
Капитални проекти од 926.000 евра без соодветно планирање
Во извештајот се наведува дека дел од капиталните проекти биле реализирани без да бидат предвидени во годишната програма за работа на општината.
Во 2024 година за вакви проекти биле исплатени вкупно 57,153 милиони денари, односно околу 926.000 евра, без да биде подготвен извештај за степенот на реализација на активностите.
Кај изградбата и реконструкцијата на локалните улици и патишта биле утврдени надминувања на договорените вредности без склучени анекс-договори, отстапувања при изведбата, несоодветен стручен надзор, недостиг од проектна документација и фактурирање работи што не биле изведени.
Еден од посочените примери е реконструкцијата на спортската сала „Јанчица“, со вкупна реализирана вредност од 33,335 милиони денари со ДДВ, односно околу 540.000 евра.
Проектот не бил предвиден во програмите за работа и капитални инвестиции на општината за 2023 и 2024 година, иако само во 2024 година за него биле исплатени 8,813 милиони денари.
Неправилности се утврдени и кај реконструкцијата на општинската зграда, со вкупна реализирана вредност од 72,246 милиони денари со ДДВ, односно околу 1,17 милиони евра. Проектот не бил предвиден во соодветните програми за периодот од 2022 до 2024 година, а во 2024 година за него биле исплатени 19,512 милиони денари.
Општината има побарувања од 14,56 милиони денари, дел од нив постари од 10 години
Ревизорите утврдиле дека Општина Кичево нема преземено соодветни мерки за наплата на сопствените приходи и дека дел од побарувањата со години остануваат ненаплатени.
Вкупните евидентирани побарувања изнесуваат 14,562 милиони денари. Од нив, 6,241 милион денари, односно 43 проценти, се постари од 10 години, додека дополнителни 8,321 милион денари се постари од пет години.
Бидејќи побарувањата потекнуваат од минати години, а не биле преземени доволно мерки за нивна наплата, ДЗР посочува дека постои неизвесност дали тие ќе бидат наплатени. Ревизорите утврдиле и дека не е извршено нивно соодветно вредносно усогласување.
Иако општината испраќа опомени преку електронскиот систем за администрирање даноци и такси, во текот на 2025 година биле донесени решенија за присилна наплата само за 150 даночни обврзници.
Дополнителен проблем е даночната евиденција за недвижниот имот. Регистарот со кој располага општината не ги содржи сите потребни елементи, а вредноста на имотот се базира на проценки од 2008 година, без да биде извршена ревизија на пазарната вредност.
Кај 1.341 даночен обврзник данокот на имот бил утврден на износ до 200 денари, што, според ревизорите, упатува на ниско утврдена вредност на имотот.
ДЗР утврдил и дека при наплатата на данокот на имот и комуналната такса за фирма не се пресметувала и наплатувала камата за неплатените обврски во пропишаниот рок. Неажурниот регистар, старите проценки и недоволните мерки за присилна наплата влијаат врз остварувањето на приходите во општинскиот буџет.
Во 2024 година општината не остварила приходи од повеќе комунални такси, меѓу кои за користење музика во јавни локали, истакнување реклами, објави и огласи, како и за одржување на јавната чистота.
Утврдени биле и случаи во кои јавни површини се користеле без соодветни одобренија и без платени комунални такси за користење простор пред деловни простории или за вршење угостителска дејност надвор од деловните објекти.
Пропусти и во постапувањето со бесправни надградби и урбанистичките планови
Извештајот посочува и недостатоци во постапувањето со бесправно изведените надградби на објекти кои не се во согласност со правосилно издадените одобренија.
Иако биле спроведени инспекциски надзори, не биле преземени соодветни мерки. Ревизорите утврдиле неактивност во постапките за поништување одобренија, недостиг од механизам за присилно отстранување на бесправните надградби и неажурност во постапувањето со надлежните институции.
Дополнително, во последните четири години општината не иницирала постапка за донесување урбанистички планови и не подготвила и доставила годишен извештај до Министерството за транспорт за користењето на средствата по овој основ.
Исплати без соодветна документација и неправилности кај платите
Меѓу останатите наоди се и исплати од 1,937 милиони денари за изградба и одржување на електричната мрежа и јавното осветлување, за кои немало соодветна поткрепувачка документација.
Во постапките за јавни набавки биле утврдени и непријавени набавки под вредносните прагови во кварталната евиденција на Електронскиот систем за јавни набавки, како и надминување на законскиот праг за набавки под вредносните прагови.
Ревизорите утврдиле и неправилности при пресметката и исплатата на плати, надоместоци и трансфери кон физички лица, вклучително и непресметан данок на личен доход во износ од 438.000 денари.
Во извештајот е наведена и неусогласеност од 32,911 милиони денари, односно околу 533.000 евра, меѓу сметководствената и даночната евиденција.
Државниот завод за ревизија изразил неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година, како и за усогласеноста на работењето со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики за сметките на основниот буџет.
ДЗР препорачува надлежните лица и органи во Општина Кичево да преземат мерки за надминување на утврдените состојби, подобрување на наплатата на сопствените приходи и зајакнување на контролите при планирањето и реализацијата на капиталните проекти и договорите што создаваат долгорочни обврски за општинскиот буџет.








