Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека по две години владата успева да го консолидира и секторот земјоделство во кој, рече, наследила катастрофална состојба во која земјоделците не можеле да си ги наводнуваат посевите и не ги добивале субвенциите.
„Во секторот земјоделство наследивме буквално катастрофа од претходната влада. Акумулациите беа доведени под биолошки минимум, на 8 проценти, денеска се на 80 проценти, и тоа во јули кога е речиси при крај сезоната за наводнување. За земјоделците беше предизвик да добиваат вода за да ги наводнуваат своите посеви, а сега имаме комплетно обезбедени можности за наводнување во Овчеполието, од Калиманци, преку Кочанско Поле, Штипско Поле па се до Лозово. Во Пелагонија, исто така, преку Стрежево, преку Тиквеш во Тиквешко Поле, долу во Струмичко Поле, исто така. Така што првпат по многу години успеваме да обезбедиме нешто коешто претходната влада не успеваше да го обезбеди“.
Како што рече, во АД „Водостопанство“ и претпријатието „Национални шуми“ не биле исплатени по три плати и дека тоа сега е завршено.
„Субвенции исплаќавме заостанати од 2020 година па наваму, сега ги исплаќаме за 2025. Тоа што ќе се обезбеди сега со ребелансот на буџетот ќе биде исплатено за земјоделците што произведуваат жито и житни култури, млекопроизводителите, мислам дека се обезбедени околу 1,2 милијарда. Така што полека но сигурно од следната година ќе го фатиме чекорот година за година“, рече Мицкоски.
Посочи дека само во првите месеци од 2024 биле исплатени преку 4 милиради денари, а вкупно се исплатени повеќе од 15-16 милијарди денари.
„Така што, онаа катаклизма што ја наследивме од претходниот министер, којшто се пробуваше во неколку ресори и за кој знам дека има и кривични постапки за злоупотреба, и ја остави на оваа влада, но фала му на Бога успеавме и таму колку-толку да ги консолидираме работите, додаде претседателот на Владата.
Но, во последните две години земјоделскиот сектор беше обременет со афери за корупција, кривични пријави и истраги против први лица од секторот, меѓу кои се и поранешниот директор на Платежната агенција, Илија Стоилев, и директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, чии случаи ја отворија темата за мито и злоупотреби во институциите.
Паралелно, ИПАРД 3 беше привремено суспендирана на 9 ноември 2025, поради корупцискиот скандал и потребата да се обезбеди целосна регуларност и контрола на исплатите, што доведе до стопирање на нови повици, договори и исплати за корисниците.
Во исто време, секторот се соочи и со финансиски и оперативни проблеми, вклучително и доцнење на субвенции, како и со кревка состојба на системите за наводнување и акумулациите, што директно се одрази врз земјоделското производство.










