Тензиите во Приштина ескалираа по изрекувањето на затворските казни за поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК), откако демонстранти го нападнаа комплексот на ЕУЛЕКС.
За време на протестите кон објектот беа фрлани камења, тврди предмети и пиротехнички средства, а во еден дел од комплексот избувнал пожар. Огнот беше брзо изгаснат, а нема информации за повредени.
Косовската полиција приведе две лица по инцидентот. Едниот е задржан 48 часа поради сомнение за учество во толпа што оштетила имот.
Протестите следуваа откако Специјализираните совети на Косово во Хаг го осудија Хашим Тачи на 25 години затвор, Јакуп Красниќи на 25, Кадри Весели на 18, а Реџеп Селими на 13 години затвор за воени злосторства поврзани со конфликтот во Косово.
Пресудите предизвикаа гнев кај дел од јавноста во Косово, каде што поранешните команданти на ОВК и натаму имаат значајна поддршка. По објавувањето на казните, демонстранти излегоа на улиците на Приштина, а полицијата распореди дополнителни сили околу објектите на меѓународните мисии и институциите.
Косовските власти повикаа на мирни протести и воздржување од насилство и оштетување имот.










