Резултатите од најновото меѓународно тестирање ПИСА покажуваат дека учениците од Северна Македонија и натаму се под просекот на земјите од ОЕЦД во сите три главни области – математика, читање и природни науки.
Во циклусот ПИСА 2025 учествувале 6.977 ученици од 124 училишта во земјава, кои претставуваат околу 16.700 петнаесетгодишници. Резултатите покажуваат дека македонските ученици постигнале послаби резултати од просекот на ОЕЦД во математичката писменост, читањето и природонаучната писменост.
Особено внимание привлекува математиката. Просечниот резултат во 2025 година е понизок во однос на 2022 година, што укажува на дополнително влошување во оваа област. Во исто време, јазот меѓу најуспешните и најслабите ученици се зголемил во математиката, но и во читањето и природните науки.
Во споредба со претходните циклуси, резултатите во читање и природни науки се приближно на нивото од 2022 година, додека во математиката е забележан пад. И покрај тоа, просечниот резултат по математика сè уште е повисок од оној што земјата го имала во 2015 година.
ПИСА не го мери само репродуктивното знаење, туку способноста на учениците стекнатото знаење да го применат во реални ситуации. Тестирањето ги опфаќа 15-годишните ученици, а во циклусот од 2025 година главна област биле природните науки, додека математиката и читањето биле дополнителни области.
Резултатите отвораат сериозни прашања за квалитетот и ефикасноста на образовниот систем, особено имајќи предвид дека помал процент ученици во Северна Македонија достигнуваат највисоки нивоа на постигања во споредба со просекот на ОЕЦД. Истовремено, помал е и уделот на ученици кои го достигнуваат минималното ниво на компетентност во сите три области.
Дополнителен проблем е растечкиот јаз меѓу учениците со најдобри и најслаби резултати. Тоа укажува дека, освен подобрување на просечните постигања, образовните политики треба да се насочат и кон намалување на разликите меѓу различните групи ученици.
Сепак, податоците покажуваат дека состојбата не е еднонасочно влошување во сите области. ОЕЦД оценува дека уделот на ученици со резултат под основното ниво на компетентност, во споредба со 2015 година, нема значително променето во математиката, читањето и природните науки.
Овогодишното тестирање опфати повеќе од 760.000 ученици ширум 91 земја и економија, што ги прави резултатите важна меѓународна споредба на подготвеноста на младите за понатамошно образование, работа и живот во современото општество.
За Северна Македонија, новите резултати повторно го актуелизираат прашањето дали досегашните реформи во образованието даваат резултати и што е потребно да се промени за учениците да стекнуваат повеќе функционални знаења, а не само формално да го совладуваат наставниот материјал.








