Нелегална плантажа со канабис е откриена во атарот на селото Секирник, Струмичко, при што полицијата запленила околу 680 килограми стебла од растението.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против две лица, 34-годишниот З. М. и 30-годишниот А. Т. Г., двајцата од општина Ново Село, поради сомнение за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Според пријавата, осомничените претходно се договориле и на скриен дел од парцела на местото „Матник“ ја обработиле почвата, по што засадиле и одгледувале канабис. Во службен разговор тие признале дека во мај годинава набавиле семе, ја подготвиле парцелата и ги одгледувале растенијата со намера да произведуваат марихуана.
Полицијата, по судска наредба и со техничка поддршка од Регионалниот центар за гранични работи Исток, спровела посебни истражни мерки, со кои биле обезбедени докази за поврзаноста на двајцата со засадот.
По поднесувањето на кривичната пријава, двајцата осомничени биле изведени пред судија на претходна постапка во Основниот суд Струмица.








