Премиерите на Македонија и Албанија, Христијан Мицкоски и Еди Рама во денеска присуствуваа на промоцијата и пуштањето во употреба на интегрираниот граничен систем One Stop Shop на граничниот премин Ќафасан. Новиот систем овозможува патниците, возилата и стоката да поминуваат низ заедничка гранична контрола на едно место.
Премиерот Мицкоски истакна дека новиот начин на гранично функционирање ќе го олесни транспортот на патници и дополнително ќе ги зајакне врските меѓу граѓаните. Тој посочи дека неколку милиони патници годишно поминуваат низ овој граничен премин, оценувајќи дека системот ќе придонесе за побрзо и поедноставно движење меѓу двете соседни земји.
Мицкоски изрази очекување ваквиот модел на соработка да биде воспоставен и на другите гранични премини со Албанија. Според него, системот ќе има позитивно влијание и врз развојот на туризмот и искористувањето на туристичкиот потенцијал на двете земји, посебно во охридско-струшкиот регион и албанското крајбрежје.
Албанскиот премиер Еди Рама на настанот истакна дека новиот начин на функционирање ќе значи поедноставување на граничните процедури и поголема доверба меѓу двете земји. Тој направи споредба со досегашниот начин на контрола, посочувајќи дека досега на граничниот премин било контролирај и контролирај, а сега ќе биде верувај, но и контролирај.
Рама нагласи дека воспоставувањето на овој систем е уште еден чекор во соработката меѓу двете соседни земји и кон нивното приближување до Европската Унија. Тој се осврна и на заедничките инфраструктурни проекти, посебно на Коридорот 8, оценувајќи дека тој претставува значаен проект за поврзувањето и заедничката соработка меѓу двете држави.
На почетокот на обраќањето, премиерот Мицкоски им го честиташе 22 Ноември Денот на албанската азбука на припадниците на албанската заедница, нагласувајќи дека празникот има значење и за мултиетничкиот карактер на државата. Тој упати благодарност до министерот за внатрешни работи, членовите на Владата, Царинската управа и другите институции вклучени во реализацијата на проектот.
Со новата едношалтерска гранична контрола патниците, возилата и стоката поминуваат на едно место наместо да застануваат двапати на излезната и на влезната страна од границата. Системот е наменет за намалување на гужвите на граничните премини во периоди на засилен сообраќај, а ваков модел веќе се применува на граничниот премин Табановце-Прешево со Србија.








